Мицкоски за Саше Политико: Никаде не реков дека Камчев ми дал пари, каде го слушнавте тоа?

„Саше, вие сте секогаш инспиративен, но мора да ја говорите вистината“ – со ваква порака му се обрати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на новинарот Саше Ивановски (алијас Политико) на забелешката дека во снимката наводно се слушало како Мицкоски му е многу должен на Камчев и поради тоа морал да му помогне случајот „Империја“ да се забошоти.

И покрај инсистирањето на Ивановски дека во снимката се слушало нешто друго, Мицкоски објасни дека во ниту еден момент не спомнал дека Камчев му дал пари:

„А каде вие тоа го слушнавте? Каде на снимката слушнавте дека такво нешто има? Ја велам ‘ми помогна’, ама не кажувам никаде дали сум земал пари. Туку велам имала партијата долг, исто како и некои други компании каде што партијата имала долг, направиле репрограм, па кога сме имале можности сме ги платиле и сме го расчистиле тој долг. Ете отприлика така изгледа“, рече Мицкоски, па го испрати Политико со зборовите „А вие продолжете да земате пари од семејството Заеви“, иако овој претходно го негираше тоа.

Во разговорот што се слуша на снимката, Мицкоски навистина потврдува дека Камчев му помогнал кога „пред година и пол“ ја наследил партијата со исклучена струја и во долгови, но не се спомнува дали Камчев дал некакви пари.

Прочитајте и:  Мицкоски за барањето на Ахмети: Косово да интервенира кај уставните судии кои ДУИ и СДСМ ги избраа? Шокантно

Снимката, инаку, завршува (е пресечена) токму по зборовите на Мицкоски „Единствен што се бори во моментов сум јас“, откако ги предупредува соговорниците дека ако помине Законот за јавно обвинителство таков каков што го планира СДСМ, тој предмет (алудирајќи на „Империја“) не е завршен, туку напротив. Оттаму, не може да се тврди дека во снимката Мицкоски зборува дека се бори против случајот, како што инсистира Политико, бидејќи јавноста се сеќава дека ВМРО-ДПМНЕ отворено се противеше на Законот за јавно обвинителство. Впрочем, тоа Мицкоски го тврди и во изјавата за МИА, каде инсистира дека тој и ВМРО-ДПМНЕ не се бореле Орце Камчев да се спаси од обвиненијата, ниту против работата на Специјалното јавно обвинителство, туку против политичко влијание и злупотреба на истото.

Политико, патем, го праша Мицкоски и зошто не се појавил денес во полициска станица, на што лидерот на опозицијата одговори дека го пратил својот полномошник. На забелешката на Ивановски дека законот наложувал дека треба да оди лично, Мицкоски врати со прашање: „Каде го пишува тоа?“.

- Реклама -