Мицкоски за новиот бугарски премиер Петков: „Се гледа дека храброста не му е карактерна особина“

Новиот бугарски премиер Кирил Петков, со последните свои изјави, ги проширува барањата кон земјава за деблокирање на нејзиниот европски пат – оцени лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, во „Само вистина“ на ТВ „Канал 5“.

„Петков деновиве во интервју за бриселски ‘Политко’, сега откако е избран за премиер, вели дека не постои политичар кој веднаш ќе потпише договор со Македонија, бидејќи неговата влада ќе падне веднаш“, посочи Мицкоски, според кого, ако се направи профил на личноста на Петков, ќе се види дека „храброста не му е карактерна особина“, затоа што  останува на ставовите за историските проблеми и дури ги надградува и засилува со нови барања.

„Тој, значи, има ултра тврда позиција, а нашиве политичари тоа го поздравуваат“, рече Мицкоски.

Ставот дека Петков не е храбар политичар, Мицкоски го истакна и претходно денеска во интервју за Македонското радио.

Посочувајќи на изјавата на бугарскиот премиер за „Политико“, Мицкоски рече:

„Зошто велам дека не е храбар политичар? Затоа што ако неговата политичка кариера е пред интересот да има добрососедски односи со неговиот западен сосед – кој што многу одамна требаше да ги започне преговорите со Европската Унија, бидејќи народот тоа го заслужи, а не оваа влада која што е сега – тогаш тоа е нечесно, лицемерно и во најмала рака можам да констатирам дека станува збор за човек кој не е храбар, кој што неговиот кариеризам е пред европските вредности, и тоа за мене е разочарувачки“.

Прочитајте и:  Мицкоски: Кога ќе имаме потреба од 80 гласа во Парламентот, ќе се покаже кои се пратениците

Во интервјуто, Мицкоски истакна дека има информации дека доколку целосно или делови од Резолуцијата која беше усвоена од Бугарскиот парламент во ноември 2019 година и потврдена од бугарската влада, не влезат во тој документ кој евентуално би се потпишал од македонската страна или би бил дел од преговарачката рамка во предпристапните преговори, тогаш Македонија не би добила зелено светло за отпочнување на преговорите. Според него, тоа го потврдил и Петков.

„Тоа впрочем го говори и изјавата на новоизбраниот бугарски премиер Петков, кој што вели дека ‘ние нема да ги напуштиме позициите кои што се поврзани со разликите кои што ги имаме за историските прашања’. Овој харвардовец кој беше најавуван како либерален политичар, кој беше најавуван како политичар од страна на нашите политичари тука (претседателот Пендаровски, Зоран Заев и останатите) дека имал би рекол полиберални позиции во однос на прашањето со Македонија, гледаме дека не само што се конзервативни, и не само што се регресивни, туку тој го потврдува оној концепт познат како живковизам на негирање на македонската нација, македонскиот јазик, па дури и во одредена мерка на македонската држава“, оцени Мицкоски.

Извор: МИА

- Реклама -