Мицкоски: Веднаш штом ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт ќе спроведеме реален, електронски попис

Пописот е некомплетен и веднаш штом ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, ќе спроведе ново статистичко, овојпат реално пребројување, изјави во гостувањето во „Што не е јасно“ на ТВ „Алфа“ лидерот на опозициската партија – Христијан Мицкоски.

„Ние уште на самиот почеток имавме многу забелешки за оваа статистичка операција, но оној заклучок кој што можеме да го кажеме, покрај фактот дека таа е некомплетна, е дека мнозинството, огромно мнозинство повеќе од 90-тина% од тие кои што не се изјасниле, се дел од македонскиот народ според општините каде тие се наоѓаат и ние ги набројавме денес на прес-конференцијата, но истовремено и порачавме дека веднаш после промената на власт ќе имаме една вистинска статистичка операција, електронски попис на кој што јасно ќе знаеме колкаво е резидентното население во Македонија“, рече Мицкоски.

Тој констатира дека Македонија се депопулира, односно дека се намалува бројот на резиденти во државата – за речиси 10% споредено со претходниот попис. Тоа, оцени Мицкоски, е поразителен факт за сите политички елити и политичари кои изминативе 20 години функционираа на политичката сцена.

Најважната категорија, оние 7.2 проценти кои според Државниот завод за статистика се граѓани кои што се резиденти (односно се во државата) но поради определени причини не се изјасниле по трите основни параметри – кој е нивниот мајчин јазик, вероисповед и националност – тие се водат во групата на неизјаснети или практично не се ни во друго, ниту во останато, туку во неизјаснети, посочи Мицкоски, оценувајќи дека околу 90% од нив се Македонци, поради што смета дека пописот е некомплетен.

Спроведувањето на реален попис по електронски пат, додаде, е причина повеќе за промена на власта.

Прочитајте и:  Мицкоски: Нашите аргументи му се предочени на Радев, очекувам добрососедство и до крајот на годинава да го продолжиме нашиот процес

„Како партија имавме став дека според нас оваа статистичка операција е некомплетен, односно ја гледаме како незавршена и токму една од потребите за промена во владата е токму и таа – за спроведување на попис каков што треба да биде, по електронски начин и точно да знаеме овие 132.000 наши сограѓани на кој народ му припаѓаат. Иако и сега е видливо, јасно е дека најголем дел од нив, можеби повеќе од 90тина проценти се дел од македонскиот народ, но поради определени причини не се изјасниле и јас ги разбирам, ги разбирам нивните чувства и ја почитувам нивната одлука да не се изјаснат на овој попис. Доколку нормално се изјаснеа можеби бројките ќе беа поразлични, соодносот на националностите, на македонскиот народ кој што е дел од овој попис, од оваа статистичка операција ќе беше поинаков“, рече Мицкоски.

На ваквите ставови реагираа од СДСМ.

„Покрај сите можни опструкции имаме успешен попис после цели 20 години по највисоки светски стандарди на ЕВРОСТАТ.
Пропаднаа сите обиди за бојкот и за рушење на оваа важна статистичка операција.

Христијан Мицкоски беше тој што најавуваше бојкот при самото објавување на датумот за спроведување на пописот.
Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ бараа да се одложи пописот и започнаа со собирање потписи против пописот. Христијан Мицкоски прв се потпиша. Лично Мицкоски пишуваше писма до амбасадорите против пописот“, тврдат од СДСМ.

„И покрај сето ова, пописот успеа. Институциите спроведоа успешен, точен и кредибилен попис кој го поздрави Европската комисија и сите релевантни чинители. Ова се фактите, ова е вистината“, додаваат од владејачката партија.

- Реклама -