Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска го повтори ставот дека тие се подготвени да поддржат бришење на техничката Влада од Законот за Влада и од Изборниот законик. Според него, технички премиер кој би го предложила ДУИ ќе нема ниту народен ниту политички легитимитет.
„Затоа цениме дека техничката Влада предводена со таквото кадровско решение и самата техничка Влада треба да биде дел од минатото. Македонија е земја кандидат за членство во ЕУ, Македонија е зрела држава да се интервенира во Законот за Влада и Изборниот законик и оваа одредба која ја дефинира техничката влада треба да биде конечно избришана“, рече Мицкоски, кој беше во посета на Македонски Брод.
ВМРО-ДПМНЕ, додаде тој, смета дека на тој начин ќе им олесни и на бизнисот и на граѓаните, за да не бидат сведоци на дневните препукувања и несогласувања кои ќе се случуваат во рамките на таа евентуална техничка Влада.
Одговарајќи на новинарско прашање Мицкоски рече дека во рок од една година, откако ќе дојде на власт ВМРО-ДПМНЕ линеарно ќе ги покачи пензиите за 5.000 денари.
Што се однесува за проектот „Намалување на данокот на профит“, којшто го најави Мицкоски деновиве на трибина, вели дека целта е Секторот за надворешна трговија од Министерството за економија да премине во Министерството за надворешни работи, со што ова министерство ќе прерасне во министерство за надворешни работи и надворешна трговија. Целта на таков чекор, објасни, е ова министерство да врши промоција на нашата земја низ Европа и светот, како земја во која има најниски даноци на профит.
„Цениме дека голем дел од светските компании своите прифитни центри ќе ги донесат токму тука во Македонија“, рече Мицкоски.
Идејата, рече, е за секоја компанија која ќе направи профитен центар и ќе пријави профит до 20 милиони евра, данокот да биде 10%, а доколку се реинвестира тој профит, тогаш данокот би бил нула проценти. Колку ќе биде поголем профитот на овие странски компании, толку ќе се намалува и данокот – на пример за профит од над 50 милиони евра, данокот на профит ќе биде 5%, рече Мицкоски.