Мицкоски: Секој треба да има Делчев во себе, мора да се обединиме против оние од Мала Речица кои 20 години формираат длабока држава во институциите

„Што значи Гоце Делчев за нас, што е неговата борба и што она кое ние денес треба да го зачуваме и да се залагаме. Тоа е прилично сложена задача, не е едноставно. На Гоце Делчев би му било важно да види што денес се случува со таа негова Македонија, сигурно не би му било лесно. Но, ние мораме да имаме поинаков и поиновативен пристап на сегашноста, кон минатото, и да гледаме кон иднината. Политичари без визија не може да се занимаваат со политика. Некои работи кои изгледаат сега чудно, за некое време ќе значат многу за Македонија и граѓаните“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, на денешниот „историски час“ по повод 119 години од смртта на апостолот Гоце Делчев, во организација на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ кој го носи името на револуционерот – „Гоце Делчев“.

Мицкоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ треба да биде креатор на тие политики и задача на ВМРО-ДПМНЕ е да ја гради Македонија, заедно со градоначалниците и граѓаните, наскоро кога ќе ја води владата на Македонија, како што рече тој.

Во тој контекст, Мицкоски истакна дека патриотизмот не е патентиран, туку „или го имаш или го немаш“ и затоа, рече,  сите ние треба да имаме Делчев во себе за да ја направиме подобра Македонија.

„Затоа треба секој еден во себе да се чувствува помалку или повеќе дека е Делчев. Дали имате големи соништа и амбиции или мали. Сите треба да имаме големи амбиции имајќи ги предвид предизвиците кои нѐ очекуваат, имајќи предвид дека ќе начекаме пустош кога овие ќе заминат. Секој од нас треба да има еден Делчев во себе за да направи нешто за Македонија“, истакна Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ подвлече дека сите ние споделуваме заедничка судбина и треба да ја градиме заеднички Македонија, бидејќи Делчев би бил пресреќен кога би знаел дека Македонија е во најуспешните држави со млади кои ја гледаат иднината дома, со возрасни кои се задоволни од животот во Македонија. „За жал не е така“, констатира Мицкоски.

„Тука се поставува прашањето дали доволно го имавме Делчев изминативе 30 години во себе и дали доволно сонувавме како него за да направиме таква Македонија која ќе биде во најуспешните и најубави држави во Европа. Студентите велат што подалеку одовде. И прашање е дали успеавме како држава, но да сме доблесни да знаеме каде грешевме, за да знаеме каде одиме. Тоа треба да го исправиме. И треба многу да сме внимателни и внимателно да ги правиме потезите. Отсега па натаму немаме право на грешка. Процесите ќе зависат исклучиво од нас, од ВМРО-ДПМНЕ, затоа што кај СДСМ никој веќе не гледа иднина“, рече Мицкоски.

Прочитајте и:  Мицевски: Изразувам огромна згрозеност од недоличното, безобразно и срамно однесување на Апасиев

Според него, граѓаните гледаат надеж во ВМРО-ДПМНЕ дека нешто може да се смени и затоа партијата ја чека тешко време и многу предизвици, бидејќи, како што рече Мицкоски, „денеска некои се навикнати Речица да ни ја води Македонија за да може да врват тендерите во четири очи“.

„Денеска за да донесе некој одлука оди по изим во Речица па прави политички потези. За тоа да не се случува потребно е ние како ВМРО-ДПМНЕ да излеземе пред граѓаните кои не го сакаат тоа, да понудиме нешто што ќе биде поразлично, да добиеме 61 во Парламент и да докажеме дека можела Македонија поинаку. Од Мала Речица 20 години чекаат да ја уништат Македонија, од внатре во институциите го користат нашето неединство. Но ако сме сите како едно тоа нема да се случи“, посочи Мицкоски.

Мал народ сме, не можеме да ги менуваме светските текови, но сме мудар надор и мораме тоа да го искористиме како предност, додаде претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ако ние нашата мудрост како предност ја искористиме, тогаш ќе има многу големи соништа и многу Делчеви со големи соништа во нас. Ние денеска се делиме за жал, и сѐ додека постои поделбата во Македонија тогаш некој друг ќе ни ја крои судбината, во случајот Мала Речица. Затоа ни е потребно општествено обединување, народот да застане позади политиките на ВМРО-ДПМНЕ, треба да го направиме Делчев горд и да им оставиме на нашите деца да не ги полнат рестораните по Европа, туку да останат тука и да го работат тоа што го учеле. Да оставиме нешто тука во сопствената држава и за сопствениот народ. Да си ја сочуваме државата“, порача Мицкоски.

Тој заклучи дека нема повеќе простор за грешки и дека не смее да им се дозволи на „овие политички измамници“, како што го нарече, да го контаминираат народниот непокор.

„Тој пркос ќе се случи, кој ќе води кон ослободување од оваа криминална и корумпирана власт која ја урниса Македонија. Тие чекори треба да бидат испланирани. За една недела од денеска чекаме нашиот политички противник да се предомисли и да ја прифати подадената рака да седне на маса и да разговара; најпрвин за македонско национално единство, а потоа за општо граѓанско единство против оние во Мала Речица. Без разлика дали сте Македонци, Албанци, Срби Турци, Власи, Роми, Египќани и сите останати, мора да се обединиме против тие луѓе кои 20 години формираат длабока држава во институциите. Затоа мора да си ја ослободиме Македонија ако сакаме да оди напред. Ќе одиме до крај. Ниту јас имам намера да се повлекувам, ниту ВМРО-ДПМНЕ ќе се повлече. Одиме до крај“, истакна Мицкоски.

- Реклама -