Мицкоски: Протоколот е дипломатски нокаут и капитулација

Протоколот што вчера го потпишаа министерот за надворешни работи Бујар Османи и неговата колешка од Бугарија, Теодора Генчовска, е дипломатски нокаут и капитулација, смета лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Според Мицкоски, овој протокол ја отвори вратата на Албанија за почетокот на преговорите, а нашата ја затвори.

„Тој протокол ја отвори вратата за преговори на Албанија, а ја подзатвори за Македонија, бидејќи како што и самата Генчовска кажа, вистинската меѓувладина конференција нема да се одржи сега, туку таа ќе се одржи веднаш после промената на Уставот“, рече Мицкоски на новинарско прашање.

Тој повтори дека промена на Уставот нема да се случи, а за тоа, како што рече, гарант е пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи власта нема две третини во Парламентот.

Прочитајте и:  Николоски: Францускиот претседател е неспорно лидер на Европа, средбата говори и за личниот авторитет на премиерот

„Во однос на реципроцитет, еве ќе во дадам пример. Генчовска ни даде пример дека не го признава македонскиот јазик. Дали ние реципрочно ќе одговориме дека не го признаваме бугарскиот јазик? Генчовска бара да бидат Бугарите дел од прембулата и од нормативниот дел во Уставот, а истовремено бара ние да се откажеме од нашите Македонци во Бугарија. Дали е тоа реципроцитет? Можам да редам уште вакви примери и во делот на историските факти и во делот на промена на учебниците. Во суштина, зборуваме за дипломатска капитулација или нокаут и отворена врата за преговори на Албанија а дополнително подзатворање на нашата врата“, оцени Мицкоски.

Извор: МИА

- Реклама -