Мицкоски повторно бара лидерска средба: Сакал Ковачевски или не, изборите ќе се случат и треба да се разговара

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска го повтори повикот до премиерот Димитар Ковачевски за лидерска средба на која ќе се разговара за роковите за организирање на претстојните парламентарни и претседателски избори, како и за сите предизвици поврзани со овие процеси.

Одговарајќи на новинарски прашања, Мицкоски рече дека со Ковачевски треба да разговараат за иднината на државата бидејќи претстојат два суштински и комплексни процеси, како и дека треба да се дефинираат роковите за избори, за техничка влада, за Изборниот законик, мониторинг мисијата на ОБСЕ/ОДИХР.

„Сакал или не сакал Ковачевски, изборите ќе се случат и треба да се разговара на таа тема, а ако мисли дека не треба да се разговара, одговорноста е негова. Но, треба да разбере дека таа одговорност и сега кога е премиер и откога ќе биде жестоко поразен на изборите, ќе треба да ја носи со себе. Тој нека одлучи. Уште еднаш велам – треба да седнеме и да разговараме за рокови, за датуми за да можеме да организираме еден процес т.е. два процеси што се многу важни за Македонија – претседателските и парламентарните избори и да ги согледаме сите можни предизвици што се поврзани со овие процеси. Стојам на располагање на оваа тема кога сака тој, каде сака да седнеме и да разговараме“, изјави Мицкоски при посетата на општина Кисела Вода.

Прочитајте и:  Мицкоски: За македонската економија оваа зима има два предизвика

Според него, логично е да има двојни избори и во актуелните услови на криза да се намали трошокот затоа што еден изборен процес е меѓу седум и 10 милиони евра. Прогнозира разлика во корист на ВМРО-ДПМНЕ од 150.000 гласа на претседателските избори во првиот круг и од 10 пратеници на парламентарните избори.

„Нашата намера е само да помогнеме на процесот и цениме дека можеби најдобро за државата е да има заеднички избори, вториот круг претседателски да бидат со парламентарните избори. Но, ние сме подготвени на кој било концепт, секако ќе бидат тие поразени. Во првиот круг очекувам разликата да се движи меѓу 100 и 150 илјади гласа меѓу кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и Стево Пендаровски кој најверојатно ќе биде кандидат поддржан заеднички од ДУИ и СДСМ и веќе во вториот круг таа разлика ќе биде поголема, а за заедничката коалиција на Алијанса на Албанците, ДПА, ДУИ и СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата што ќе ја предводи ќе има минимум 10 пратеника повеќе од тој концепт“, рече Мицкоски.

Извор: МИА

- Реклама -