Мицкоски: Нема логика во тврдењата дека протоколот прво треба да биде потпишан, па потоа да биде објавен

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски смета дека тоа што протоколот се уште не е објавен и не се знае што тој содржи говори за, како што рече, тоа дека власта повторно на шверцерски начин да го протурка францускиот предлог.

-Протоколот се уште не е на дневен ред, ниту пак некој знае што се вклучува тој протокол кој што е суштински документ. Сето останато е парада и, би рекол, одреден вид атракција и забава за тие коишто ова го поддржуваат. Суштината е протоколот. Протоколот ниту е доставен, ниту пак мислам дека ќе го достават, затоа што планираат на шверцерски начин да го протнат сето ова, како што впрочем така прават изминативе пет години, рече Мицкоски во изјава на вечерашниот протест против францускиот предлог.

Според него, нема логика во тврдењата дека протоколот прво треба да биде потпишан, па потоа да се објави неговата содржина.

– Тоа е исто како јас сега да дојдам во вашиот дом да ви ставам лист хартија и да ви речам потпишете го овој документ кој одлучува за иднината на вашето семејство без да го прочитате. И вие ќе ми речете нема да го потпишам затоа што не знам што пишува во него. Јас велам не се секирајте добар е за вашата иднина, верувајте му треба да го потпишете. Дали вие ќе го потпишете? Еве дајте ми мене одговор, дали ќе го потпишете, вели Мицкоски.

Прочитајте и:  Николоски: Францускиот претседател е неспорно лидер на Европа, средбата говори и за личниот авторитет на премиерот

Во врска со обраќањето на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен пред пратениците, тој истакна дека секој гостин што ќе дојде од надвор е добредојден, но, оти се надева дека таа ќе ги слушне мислењата и на пратениците кои доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ кои, како што рече, се од нејзина сестринска партија.

-Таа ќе остане малку повеќе. Нема само да остане да се обрати, туку ќе остане повеќе да ги слушне и нашите аргументи, затоа што тоа е суштината. Секој е добредојден. Сакаме да слушнеме што мислат, но сакаме и да не слушнат што мислиме. Тоа е демократијата и тоа се вистинските европски вредности. И конечно за документот за коишто вие зборувате тоа е еднострана хартија која служи за задоволување на фрустрацијата на СДСМ и на ДУИ. Тоа е во суштината. Инаку тој документ нема буквално никакво значење бидејќи само со 41 пратеник формално може да се усвои. Тоа е суштината, ништо друго, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

МИА

- Реклама -