За оставка не размислува, а од рушење на владата на Заев, преку заеднички демонстрации со граѓаните, не се откажува – порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска на прес-конференција, која е негово прво појавување и реакција во јавноста откако на 13 август претседателот Стево Пендаровски му го додели мандатот на Зоран Заев.
Како што рече Мицкоски, причината што „досега се воздржувал од јавни настапи“ била со цел да остави простор јавноста „многу прецизно да го види целото она препелкање на власта, немањето на капацитет и нивната желба по секоја цена да ги задржи позициите и функциите кои им се извор за лично богатење, тендери и скандали, како и нивните инсталации, оние кои по сопствена волја им помагаат и одлучија да биде фокус ВМРО во овој период кога државата ја мачи СДСМ и сѐ она што денес преставува Заев“.
Според Мицкоски, Македонија доби нова влада со стари, истрошени, компромитирани и транзициски кадри, со исто такви и ветувања. Откако изнареди критики до старо-новата власт, оние што и многупати досега, практично секојдневно, ги упатува ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски се осврна на случувањата во партијата:
„Сакам и да се обратам на членовите на партијата. Не затекнавме партија од 450 илјади гласови, туку поделена, игнорирана од меѓународната заедница, атакувана партија, чиј имот поради притисок беше и сѐ уште е замрзнат, незаконски, ќе потсетам. Со луѓе по затвори додека вистинските криминалци на слобода. И беше тешко. Многу внатрешни удари кои ги лепевме, правевме компромиси. Стигнавме до овде“, одговори Мицкоски на критиките дека под негово раководство партијата ги загуби сите избори.
За неуспехот на ВМРО-ДПМНЕ да ја победи досегашната, според нив „најлоша влада“, Мицкоски порача:
„Зло како оваа влада не се руши одеднаш, туку со многу битки, многу труд и паѓање на оваа власт на рати. А ова денес е почеток на крајот на СДСМ. Ако ме прашувате каква иднина нѐ чека, оваа влада нема иднина и ќе падне пред завршетокот на својот мандат на граѓански протести. И мора секој да биде свесен дека нема брзи победи против ова зло, туку долга битка за слобода и правдини и европска иднина“, рече Мицкоски.
Во однос на следните чекори на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски најави жестока критика на страна на народот, со организирани масовни граѓани протести, бидејќи, како што рече, ова не е само негова битка, туку и на народот против неодговорната и криминална влада.
Во однос на иницијативите за негова оставка, Мицкоски порача дека тие се исклучиво во корист на СДСМ и Зоран Заев, и дека нема намера со таков чекор (оставка) да им помогне на „оние против кои ВМРО-ДПМНЕ се бори“.
„И додека сум жив, а доколку тоа не сум има план Б и план В, ќе се борам против оние кои му служат исклучиво нему, на Зоран Заев, за да си го заштитат својот криминал.
Зборат за вонреден конгрес, но таква иницијатива нема стигнато ниту поднесено во архивата на партијата. Што значи, тоа е тема за да се прикаже ВМРО-ДПМНЕ слабо и да се одработи исклучиво за СДСМ и Зоран Заев“, рече Мицкоски.
На крајот од своето обраќање, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се осврна на, како што рече, „суштината“:
„За сите оние кои прават криминал, кои одработуваат за милост и кои поради тој криминал потклекнале и се во скутот на Заев, треба да знаат сега и во иднина, нема да правaм компромиси со криминалот, нема да дозволам да се прогледа низ прсти поради сите нивни грешки и нема да премолчиме богатење на грбот на народот.
Сите оние кои станаа најдобри другари на Заев не е тоа затоа што се силни, туку затоа што се екстремно слаби. Сигурно сте се запрашале зошто нема завршница за познатите случаи за кои Заев како опозиција велеше дека се криминал, одговорот на тоа се добива овие денови кога гледаме како неколкумина појаничарени слуги одработуваат надевајќи се на неговата милост и својата слобода.
Но нашите животи го почнуваат својот крај оној ден кога ќе замолчиме за значајните нешта. А јас нема да замолчам пред неправдите, за печалбарите во политиката, за отпорот кој станува наша должност кога криминалците прават хотелски коалции за да се спасат себе си, а се нудат за решение.
Оние кои толку многу пати се огрешиле кон ВМРО-ДПМНЕ и кон народот не се никакво решение, туку завршена приказна. Товар кој мора да отпадне за да ВМРО-ДПМНЕ и народот победи. Тие не зборат за криминалот на власта, ама се со полна уста за опозицијата и ВМРО-ДПМНЕ. Тој пакт на криминалот и политиката кој е мафија во државата ќе биде поразен. Таа мафија, тој политички брак на власта и дел од тоа политичко криминално подземје кое се нуди за опозиција на опозицијата за да ја спаси власта, кое направи милиони за себе, со чиновничка плата, ќе биде поразено.
Хотелската коалиција или Зоран Заев не може да се иднината на Македонија. Или тие, или Македонија! ВМРО-ДПМНЕ припаѓа на народот, и на Македонија и нема да биде заробено од оние чиј капитал го направија на тие свети букви.
Македонија има јасна закана, и јасна цел, да ја собориме најпрво владата и мафијата која ја оддржува таа влада, а потоа да си ја обновиме државата“, рече Мицкоски.