Мицкоски на средба со Орбан во Будимпешта: Поддршката од Унгарија е доказ за вистинско пријателство

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска заедно со потпретседателот на партијата, Александар Николоски, во Будимпешта остварил средба со претседателот на партијата ФИДЕШ и премиер на Унгарија, Виктор Орбан.

Како што соопштија од ВМРО-ДПМНЕ, на средбата биле констатирани одличните и пријателски односи меѓу двете партии и станало збор за реализација на стратешките цели на Македонија.

„Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски се заблагодари на поддршката од Унгарија на Македонија посочувајќи дека тоа е доказ за вистинско пријателство, изразувајќи надеж дека таа поддршка ќе продолжи имајќи го во предвид фактот дека Унгарија наредната година го презема претседателствувањето со Европската Унија“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

На средбата бил направен пресек на соработката и работата на двете партии во насока на размена на искуствата што се користат при изработка на програмата на ВМРО-ДПМНЕ за наредните избори. Воедно било разговарано за идни проекти и планови за развој, кои, се наведува во соопштението, би се реализирале веднаш по промената на власта во Македонија.

Прочитајте и:  Мицкоски за посетата на Брисел: Подготвивме најквалитетен документ за Планот за раст, ќе ги одбраниме и националните интереси
- Реклама -