Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, вечерва на митинг во Валандово порача дека ќе гради добри односи со соседите, но дека нема да потпишува секакви договори.
„Јас и ВМРО-ДПМНЕ ќе имаме најдобри односи со соседите, затоа што ќе ги почитуваме, но нема да ги лажеме дека сѐ ќе им потпишеме и нема да се срамам да барам да нѐ почитуваат и тие нас. Затоа барам и реципроцитет, за сѐ што бараат од нас“, рече Мицкоски.
Според него, лидерот на СДСМ и актуелен премиер – Зоран Заев, отворил 1.000 проблеми потпишувајќи договори, распродавајќи го идентитетот и историјата – нешто што никој претходно не се осмелил да го направи.
Тој обвини дека Заев го создал проблемот со Бугарија и дека заедно со коалициониот партнер ДУИ креира тензии во општеството преку амнестирање на криминалот.
Коментирајќи ја одлуката на Заев за оставките на министерот и заменик-министерот за здравство, Мицкоски посочи дека во Романија кога гори болница паѓа владата, додека кај нас власта убедува дека е виновен кабелот.
МИА