Мицкоски: Идејата за просперитетна Република Македонија живее кај Македонците, но и сите кои ја сакаат како свој дом

„Денот на државноста и независноста, 8-ми Септември, е денот кога се одбележува раѓањето и се слави опстојувањето на независна и суверена Република Македонија“, порачаа денеска од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за „Обнова на Македонија“, во честитката по повод 30-годишнината од независноста на државата.

„На овој голем ден, на 8-ми Септември 1991 година, граѓаните на Република Македонија покажаа храброст и одлучност остварувајќи ја долгогодишната идеја и аманет од нашите предци кои со генерации и генерации живееја со мислата за слободна, независна и суверена Република Македонија. 8-ми Септември е симбол и потсетник на бројни предизвици и премрежја со кои Република Македонија се соочуваше во сите овие години на независност, но и поттик мудро и сплотено да продолжиме понатаму заедно да се бориме со сите идни препреки и проблеми.

Само на тој начин, сплотени, обединети и сложни, ќе успееме да ја зачуваме, одржиме и продолжиме вековната идеја за силна, слободна, суверена и независна Македонија. Нека ни е честит 8-ми Септември, Денот на независноста! Нека ни е вечна нашата татковина Република Македонија!“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Посебна честитка упати и претседателот на партијата – Христијан Мицкоски. Тој потенцира дека денешниот празник е круна на борбата за независна, самостојна и суверена македонска држава, денот кога се исполни идеалот на Илинденците и борците од НОБ, но и илјадниците храбри синови и ќерки кои се бореа и ги положија своите животи за своја држава.

„Токму на 8-ми Септември 1991 година, на референдумот, народот во Македонија го оствари тој сон и започна сам да ја гради својата иднина и иднината на својата татковина, како рамноправна земја со сите останати во Европа и светот. Патот беше и сѐ уште е трнлив и со многу премрежија. Идејата за просперитетна Република Македонија никогаш нема да престане, особено сега, во време на економско тонење, анационални политики на власта и негирања од надвор. Таа идеја живее кај Македонците, но и Албанците, Турците, Ромите, Србите, Бошњаците, Власите и сите останати кои ја сакаат својата Македонија како свој дом, кој го наследиле од своите предци, но кој го должат на сите идни генерации“, наведува Мицкоски во честитката.

Прочитајте и:  Мицкоски: Со Макрон отворено разговаравме за одблокирање на патот на Македонија кон ЕУ

Новите предизвици, потенцира тој, бараат сплотеност во ова, како што го нарече, време-невреме на безнадежност кое оваа власт го донела.

„Државата не се само границите и институциите, туку и народот и неговите потреби. Среќата на овој народ е заменета со бесперспективност која е резултат на криминалот и корупцијата, беззаконието и неправдата, но и поделеноста и социјалната нерамноправност кои ги создаде владејачката елита. Но борбата за подобро утре никогаш не смее да престане. Таа борба денес се води и народот ќе ја извојува победата. Одново над Македонија ќе огрее сонцето на слободата и успесите ќе ги заменат неуспесите, правото ќе ја победи неправдата, напредокот ќе ја порази апатијата, подобрата иднина ќе ја смени оваа зачмаеност“, порача Мицкоски.

- Реклама -