Мицкоски: Граѓаните се чувствуваат како некој да им ја киднапирал државата, да ја направиме Македонија повторно горда со Силјановска Давкова

Гордана Силјановска Давкова е вистинскиот избор за Македонија, претседател кој ќе ја направи Македонија горда повторно, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот митинг од Вевчани.

Според него, таа е жена титан, која што не молчела кога другите молчеа.

– Жена која што во својата професионална кариера ја бранеше Македонија насекаде во Европа и во светот. Жена која што беше визитинг професор и ментор на најпрестижните американски и канадски универзитети. Жена која што во Советот на Европа беше експерт по политики на локално ниво, експерт по уставно право и политички систем. Жена која што кога беше член во Венецијанската комисија ги подучуваше членовите во Венецијанската комисија, кои што доаѓаат од другите европски земји, рече Мицкоски.

Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ пред Вевчанци посочи дека на претстојните избори граѓаните бираат иднина.

– Бираме иднина каква што заслужуваме. Иднина која што треба да биде горда. Ако сме подготвени Македонија да ја направиме горда повторно тогаш изборот е јасен, а тоа е Гордана Силјановска Давкова за претседател на Македонија, порача Мицкоски.

Прочитајте и:  Мицкоски за барањето на Ахмети: Косово да интервенира кај уставните судии кои ДУИ и СДСМ ги избраа? Шокантно

Осврнувајќи се на актуелната власт, тој забележа дека пред седум години ветувале живот, а, како што рече, донеле само корупција, криминал, сиромаштија и неправда.

– А, нивниот пиун Стево Пендаровски ја зароби канцеларијата на претседател на Македонија. Во Македонија има живот за малкумина, а тоа е само за оние кои што ја заробија државата. Нема среќен човек, нема ведрина, нема насмевка на луѓето. Затоа што денеска сите граѓани во Македонија чувствуваат како некој да им ја одзел државата, како да ја киднапирал државата, како да се граѓани од втор ред, истакна Мицкоски.

Според него, Македонците денес во Македонија се чувствуваат како да се граѓани од втор ред. Но, подвлече, такво чувство имало и кај Албанците, Турците, Ромите, Бошњаците, Србите итн.

Караванот на ВМРО – ДПМНЕ вечерва продолжува во Струга, а потоа и во Ресен со претставување на претседателскиот кандидат Гордана Силјановска Давкова.

- Реклама -