Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, на неговиот фејсбук профил ја објави пресудата на Основниот граѓански суд Скопје во негова корист во случајот со СДСМ, поради објави на официјалната ФБ страница на партијата во која го нарекуваат „пион на Груевски“. Мицкоски во случајот барал симболичен надомест од едно евро.
Според Судот, објавата во која од СДСМ напишале дека „Антизападниот пион Христијан Мицкоски е продолжена рака на криминалецот Никола Груевски“, согласно членот 6 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, претставува навреда. Две други изјави на СДСМ се наведени како клевета; дека „Мицкоски е пион кој се збогатил благодарение на неговиот шеф и ментор“, како и изјавата дека во 2015 година Груевски му доделил на Мицкоски и неговата фирма 33.000 квадрати државно земјиште за изградба на хидроцентрали, а фирмата наводно е 99% сопственост на Мицкоски, а не 7% „како што ја лажел јавноста“, како што напишале од СДСМ.
„И со вака исклучително заробено судство со исклучително ниска доверба, вистината не може да се заобиколи, а лагите да бидат премолчени. Канонадата на клевети, лаги и измислици од СДСМ и останатите нивни јавни, полутајни и тајни партнери, доаѓа време да се разобличи. Инстант клеветите и невистинитите афери нема да им донесат кариера на инстант залутаните во политика. Ова значи дека сме на вистинскиот пат, сѐ до конечна победа! Колку тие пониско удираат, толку ние повисоко се креваме!“, напиша Мицкоски во објавата.
Основниот граѓански суд Скопје пресудил во корист на Мицкоски и во случајот против претседателот на Интегра – Љупчо Ристовски, за две изјави во кои тој вели дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го продал името и дека бил уценет, а кои во пресудата се наведени како клевета.
Судот воедно, со пресудите им налага на СДСМ и на Ристовски, истите да ги објават во весник во рок од 15 дена од приемот, како и да му ги платат судските трошоци на Мицкоски соодветно во износ од 12.098 денари, односно 33.927 денари во рок од 15 дена од правосилност на пресудата.