Мицкоски ги повика граѓаните на улица против поскапувањето на струјата, на првиот од низата најавени протести

Државата влегува во должничко сценарио, власта прави пакт со криминалот, пари има но се трошат на поткуп и на богатење на мафијата наместо на граѓаните, народот го чекаат уште потешки времиња и сиромаштија, а капак на сето тоа е поскапувањето на струјата, порача денеска на прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, кој за во среда, 18 часот, го најави првиот од серијата протести што ќе ги предводи опозицијата.

„Сите овие бројки кои ги споменав укажуваат на тоа дека народот го чекаат уште потешки времиња. А, финалниот удар врз џебот на народот беше кога скришум, на шверцерски начин во текот на периодот на одморите ја покачија цената на струјата. И тоа ја качија цената на струјата создавајќи екстра профит за универзалниот снабдувач на електрична енергија. Но бонбона бизнис. Сметките со поскапа струја нѐ оштетуваат сите. Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и сите станати сме една иста група на граѓани која што гледа една те иста мака. А, тоа е сиромаштијата, затоа што во исто време владата си ги полни џебовите додека ги празни тие на народот. Отпорот станува наша должност и ова е време кога треба да се биде гласен.

И затоа ВМРО-ДПМНЕ повикува на граѓански протест во среда на 9-ти септември, со почеток од 18 часот, и тоа прв од серијата кои што ќе ги организира Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Појдовна точка ќе биде Министерството за правда, а ќе заврши пред Регулаторната комисија за енергетика која е маша на власта и која ќе ја повикаме и ќе бараме, додека тоа не го направи, да ја врати цената на струјата по старо. Имаме СКАПА СТРУЈА, А СИРОМАШЕН НАРОД“, соопшти Мицкоски.

Прочитајте и:  Петрушевски: Љупчо Дон Николовски потрошил 976.199 денари на кафеани и ресторани како министер за земјоделие

Истовремено, тој повика сите незадоволни да се обединат во заеднички опозициски фронт кој ќе ја смени оваа власт:

„Сакам да испратам порака до сите незадоволни политички партии, интелектуалци, синдикати, здруженија, еснафи и поединци. Време е да се обединиме да ги надминеме нашите разлики и да направиме опозициски фронт против оваа власт која е мафија и која продолжува да се богати на грбот на народот. И точно е, можеби имаме разлики, различни гледишта можеби и различни концепти. Ама и во Тетово, Битола, Штип или Скопје народот го обединува една работа, а тоа е сиромаштијата против која мораме заеднички да се бориме. И мораме да се спротивставиме на оваа мафија со активен отпор и на улица, на протести и да протестираме за секоја тема, буквално за секоја тема која што ги мачи граѓаните. И ова е отворен повик да се обединиме за да ја зачуваме државата и да ги заштитиме граѓаните. Не смееме да дозволиме богата влада, богати мафијаши во мафијата, а сиромашен народ. Мора да се избориме за систем, вредности и иднина. И како што реков, мафија не се руши само со една битки, туку со многу битки и труд, а ова е почетокот на нивниот крај. Ние од тука тргнуваме“, порача Мицкоски.

- Реклама -