„Силно ве уверувам дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи какви било уставни измени“, порача вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, пред почетокот на протестот за отфрлање на францускиот предлог за деблокада на евроинтеграциите на државава.
„Денеска ја добивме информацијата дека Владата одлучила преговарачката рамка и оној втор документ којшто претставува заклучоци на Советот коишто се практично дел од договорот којшто Владата на СДСМ и ДУИ го направила со официјална Софија го пренесле денеска во Парламентот иако не ја гледаме никој логиката зошто во Парламентот кога станува збор за меѓувладина односно Владата е таа која што носи одлука во сето ова. Парламентот доколку донесе Владата одлука за што ние силно протестираме и велиме таа да биде не, тогаш е тој којшто одлучува“, изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека ВМРО ДПМНЕ нема да поддржи какви било уставни измени.
„Македонската јавност да биде сигурна дека што и да се случува понатаму со ова национално предавство и катастрофа која што ја подготвува Владата на СДСМ и ДУИ, ВМРО ДПМНЕ во Парламентот тоа нема да го прифати. За тоа се потребни 80 пратеника, бидете сигурни дека тие 80 пратеника ги немаат и тоа треба на сите да им е јасно и во Македонија и надвор од Македонија“, рече Мицкоски, порачувајќи воедно дека нема да неседнуваат на провокации на протестите.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат за уставни измени, рече дека „такви предавници во овој состав на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата нема“.
„Јас ве уверувам, и спремен сум за тоа да гарантирам“, потенцира Мицкоски.
Тој рече дека „Владата е група на кукавици која што се плаши самата да донесе одлука па го пренесува тежиштето во Парламентот, иако Парламентот нема никаква формална нормативна улога и дополнително го поларизира народот, дополнително создава нервози и фрустрација“.
„ВМРО-ДПМНЕ ќе делува согласно стратегијата која што ќе ја договориме, а стратегијата е да сториме сѐ да му објасниме на народот во Македонија дека ова не е неговата иднина, дека ова е предавство кое што напротив ја стопира нашата иднина во обединета Европа“, изјави Мицкоски и најави дека стратегијата ќе ја договорат деновиве.
МИА