Мицкоски: Доколку Заев не поднесе оставка, ќе поднесеме иницијатива за недоверба на Владата

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, вечерва по објавувањето на новото парламентарното мнозинство, изјави дека доколку премиерот Зоран Заев не ја поднесе најавената оставка тие ќе поднесат иницијатива за недоверба на Владата.

„Мнозинство кое што ќе гарантира дека оваа влада предводена од СДСМ ќе е минато. Ја очекуваме оставката на Заев која ја најави. Доколку тоа не се случи, ќе поднесеме недоверба на Владата. Очекуваме да ја поднесе оставката“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека за сите детали јавноста ќе биде дополнително информирана.

„Затоа и беше оваа средба денеска, за да излеземе пред јавноста дека постои мнозинство во Парламентот кое, доколку Заев не ја поднесе оставката, ќе ѝ изгласа недоверба на неговата Влада“, рече Мицкоски, посочувајќи дека ако ја достави Заев утре оставката, понатаму има законски, процедурални рокови и уставни одредби во кои што има десетина дена претседателот на државата да го даде мандатот, а потоа 20 дена преговори.

Очекувам, истакна, во периодов што следи, да се обидеме да создадеме ново владино мнозинство. Како што рече, сите опции се во игра.

„Едната опција е да се формира ново мнозинство кое што ќе изгласа недоверба на Владата, доколку Заев тактизира со оставката, и втората е да одиме на брзи и предвремени парламентарни избори“, рече Мицкоски.

Прочитајте и:  Граѓаните не сакаат предвремени парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се секогаш подготвени, вели Мицкоски

Тој најави детали утре на прес-конференција.

„Ова е мнозинство со коешто се гаранитра дека оваа влада предводена од СДСМ и Зоран Заев е минато. За сѐ останато треба да седнеме, разговараме за програмски определби, за иднината, за стратегијата понатаму, но во текот на утрешниот ден ќе имаме прес-конференција и ќе кажеме малку повеќе“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

На прашањето кој победи на Локалните избори и дали се потребни избори или нова стабила власт, повтори дека има две опции.

„Едната опција е ново парламентарно мнознсртво коешто ќе избере политичка влада, која што ќе продолжи со реформскиот процес, со борбата против криминалот и корупцијата која што претставува основен проблем во Македонија, влада која што ќе имплементира реформи во здравството и во образованието, влада која што ќе ја однесе нашата држава, а тоа е местото во рамки на ЕУ, и втората опција е доколку не успееме нормално да формираме такво мнозинство, да одиме на брзи парламентарни избори“.

Тој претходно вечерва на Фејсбук напиша дека има ново парламентарно мнозинство, споделувајќи заедничка фотографии од лидерот на Левица Димитар Апасиев, генералниот секретар на Беса Арјанит Хоџа, претседателот на Алтернатива Африм Гаши и генералниот секратар на Алијанса на Албанците Арбен Таравари.

МИА

- Реклама -