Мицкоски: Бугарија сè уште го нема европеизирано нивното барање и тоа ги прави нервозни

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и уште некои слободоумни пратеници во Парламентот се браникот на македонскиот идентитет. Промената на Уставот гарантирам дека нема да се случи. Гаранција за тоа е зборот на 44 пратеници од Коалицијата што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и останатите слободоумни пратеници, изјави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања за време на посетата на општина Бутел, рече дека фокусот на најавениот референдум ќе биде членот 5, алинеја 4 од Преговарачката рамка, каде што е вметнат протоколот и билатералниот договор, каде ќе треба да одлучат граѓаните дали прифаќаат ваква Преговарачка рамка.

„Ние зборуваме за преговарачката рамка, зошто таа е суштината. Сега нема ништо Бугарија. Таа е повторно изолирана во нејзината намера да се фокусира на протокол и билатерален договор. Бугарија сè уште го нема европеизирано нивното барање и тоа ги прави нервозни“, изјави Мицкоски.

Според Мицкоски, добро е што „нема промена на Уставот“, бидејќи, како што рече, ако имаше тие ќе ја усвоеја преговарачката рамка и тогаш ќе беше мат за македонскиот идентитет.

„Ковачевски, Маричиќ, Османи… можат да се обидуваат се да прават, но во суштина народот и пратениците од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да им дозволат докрај тоа да го спроведат“, изјави Мицкоски.

Прочитајте и:  Мицкоски: Очекуваме час поскоро да се стави крај на оваа руска агресија и да можеме нормално да функционираме и да се развиваме

Според Мицкоски, сега ниту има преговори, ниту тие ќе почнат, бидејќи, како што рече, е јасна позицијата, треба да се смени Уставот за да се отворат преговорите.

„Ниту има скрининг, ниту преговори има. Ова сега што се случува е мониторинг, кој што трае од првиот ден кога ние сме земја кандидат, од 2005 година. Тоа е јасно покажано во документите што вчера ги потпишуваа. Ниту има преговори, ниту ќе почнат. Јасна е позицијата, за во овој момент да се случат преговори потребно е да се смени Уставот“, изјави Мицкоски.

Прашан дали е поканет и дали ќе учествува на вечерашниот коктел, Мицкоски рече дека е поканет, но нема да присуствува, бидејќи како што рече, „не мисли дека е добро друштвото таму за коктел“.

Доколку ВМРО-ДПМНЕ ја добие довербата од народот на следните избори, Мицкоски рече, дека ќе работат „сите грешки една по една да ги исправува“.

„Ветивме дека сето она што е досега направено, доколку ја добиеме довербата од народот, а јас очекувам според последните анкети ВМРО-ДПМНЕ самата да има мнозинство во Парламентот, овие грешки што се направени изминатите пет години да бидат исправени, а виновниците за сето тоа да одговараат“, изјави Мицкоски.

МИА

- Реклама -