„Зоран Заев не е способен да обезбеди грижа и заштита за нашите граѓани, не пак тоа да го прави за граѓани од трети земји“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, откако вчера премиерот Зоран Заев изјави дека Владата ги информирала САД дека стои на располагање да помогне во спасување на животите на цивилно население од Авганистан.
Според Мицкоски, не Македонија туку побогатите земји треба да покажат солидарност:
„Македонија е една од најсиромашните земји во Европа, во ваква една ситуација, добро е да видиме пример на солидарност од побогатите земји од нашата Македонија, со пример да покажат вредности, да прифатат бегалци од Авганистан, а не со тапкање по рамо. После да размислуваме дали и кој ќе го плати…“, напиша Мицкоски на Фејсбук.
„Инаку да потсетам, и ова нели беше во главата на вмровците!“, додаде тој.
„Авганистан се соочува со можна хуманитарна катастрофа и затоа ние како Влада, ги информиравме нашите стратешки партнери САД дека стоиме на располагање да помогнеме согласно нашите капацитети и потребите. Со цел да се спасат животите на локалното население, информиравме дека спремни сме да преземеме и прифатиме цивилно население од Авганистан кое изминативе 20 години работеше на мирот во таа земја, беше локална поддршка на сојузничките НАТО сили вклучително и на нашата армија, како и преземање и прифаќање активисти од демократските хуманитарни организации и од организациите за човекови права во Авганистан“, изјави Заев за МИА, потенцирајќи дека државата е подготвена да обезбеди сместување во хотели и одморалишта, а оперативата и трошоците за време на нивниот престој до обезбедување трајна дестинација целосно би биле покриени од страна на САД.
„Ние сме солидарна земја, нашиот народ и нашето општество секогаш давале поддршка и помош, исто како што сме добивале помош при огромни катастрофи. Заеднички со САД ќе ги планираме идните чекори за натамошното постапување“, додаде премиерот.