Мицкоски: Бараме предвремени парламентарни избори, нема да поддржиме премиер Албанец од ДУИ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, најави дека ќе продолжат да бараат предвремени парламентарни избори. Според него, има неколку начини како до предвремени парламентарни, а тие ја разработуваат стратегијата, како што рече, институционално и вонинституционално.

Мицкоски најави дека ќе повикаат на општествена поддршка, затоа што, како што рече, тоа што го гледаме како јавно мислење треба да се преслика и на терен.

„Ценам дека час поскоро, ако се одговорни и ако мислат добро на граѓаните и на Македонија, дека треба да седнеме на една лидерска средба, да ги договориме правилата на играта и да одиме на предвремени парламентарни избори“, рече Мицкоски во вечерашното гостување во емисијата „Само интервју“ на телевизија „Канал 5“.

На прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ планира протести во наредниот период, Мицкоски одговори дека и тоа е една од опциите кои се во план.

„Да, да, сѐ планираме. Јас најавувам во вашата емисија дека ќе повикаме на општествена поддршка затоа што тоа што го гледаме на анкетите како јавно мислење треба да се преслика и на терен“, изјави Мицкоски.

Тој истакна дека добро е да има освежување и промени онаму каде што има слаби резултати:

„Ние повикавме на еден општ фронт, општествена поддршка, мобилизација на граѓаните, во тек се внатрешна лесна катарза во ВМРО-ДПМНЕ после локалните избори, определени, би рекол, кадровски поместувања, најпрво во Извршниот комитет, сега во другите органи на партијата ќе има, во Општинските комитети, и цениме дека тоа е добро и здраво и покрај тоа што имавме историски резултати и во првиот и во вториот круг. Добро е онаму каде што треба да има освежување да има освежување, онаму каде што има слаби резултати да се менува нештото, затоа што потребно е континуирано да се подобруваме“, потенцира Мицкоски.

Прочитајте и:  Мицкоски од Брисел: Ако ЕУ има желба, има и начин

Прашан дали за него ќе биде спорно изборот на Албанец премиер 100 дена пред избори и дали легитимитетот на тој премиер би бил спорен, Мицкоски нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ е против предлог премиер од ДУИ.

„Нема да поддржиме премиер што ќе биде предлог на ДУИ“, категоричен е Мицкоски, додавајќи дека не се против премиер Албанец, потсетувајќи дека како решение го понудил Африм Гаши.

Прашан што ќе се случи и дали ќе направат коалиција со ДУИ ако има предвремени парламентарни избори и ако ВМРО-ДПМНЕ победи, но и ДУИ е победник во тој блок, Мицкоски потенцира дека правилото победник со победник одамна е прекршено и тоа правило треба да се зборави.

„Треба да го видиме капацитетот на коалицирање, програмски мислам, а второ, да видиме дали ние можеме навистина да работиме во интерес на граѓаните и државата, а не во партискиот интерес“, рече Мицкоски.

Додаде дека во моментот се во коалиција со опозициските албански партии и е убеден дека тие партии ќе бидат идниот коалициски партнер во владата што ќе ја предводи ВМРО – ДПМНЕ.

Извор: МИА

- Реклама -