„Многу сум разочаран, а воедно и лут за сето ова кое што се случува денеска во нашава држава. Зошто? Затоа што најпрвин јас тоа го почуствував на моето семејство и знам точно како и со што се справуваа моите родители, мојата мајка, мојот татко. За среќа и двајцата ја поминаа, едниот потешко, а другиот полесно. Но фала му на бога и двајцата ја преживеаја оваа, би рекол, тешка пандемична ситуација која што се случува во Македонија“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, во централниот дневник на „Сител“.
Како што истакна Мицкоски, посведочил многу голготи на сограѓани кои денеска го преживуваат истото тоа, губејќи го своето здравје и животи. Според него, виновник е немањето јасна визија и стратегија на власта за справување со пандемијата.
„Ние како опозиција понудивме многу работи, а односот од страна на владата беше игнорантски и онака буквално брутално бевме одбиени. Еве, последно што понудивме беше да се формира КОВИД-комисија, како по принципот на многу држави во регионот, која би била најповикана да предложи мерки и стратегија како да се справиме со пандемијата. Но, бевме одбиени“, потенцира лидерот на најголемата опозициска партија.
„Луѓето чекаат за медицинска нега по ходиници или наидуваат на празни ходници веројатно зошто луѓето се на интервенции кај пациентите. Менаџмент со здравствените институции нема, нема кревети, нема медицински лица доволно“, посочува тој, оценувајќи дека поради Владата граѓаните се доведени во парадоксални ситуации.
Според него (и ВМРО-ДПМНЕ), решението за надминување на оваа ситуација е формирањето на експертска влада составена од врвни експерти кои, како што рече, „многу подобро ќе се справат и од Караџовски и од Заев“. Тој повика на лидерска средба за, како што рече, да се смиреле граѓаните:
„Нашиот предлог е експертска влада. Експерти сигурно подобри од тие кои што сега се покажаа како тотално несоодветни во справувањето со пандемијата. Тоа се луѓе експерти кои многу подобро ќе се справат од политикологот Караџовски, кои многу подобро ќе се справат од Зоран Заев. Еве јас барам само да седнеме на таа лидерска средба и да се договориме, тоа е суштината – да ги смириме граѓаните , да им покажеме дека можеме кога е најтешко да се договориме, затоа што денеска знаете какво е чувството кај граѓаните? ‘Луѓето се борат за живот, а вие политичарите се надмудрувате со политиканство’. Тоа е, со право, впечатокот и токму тоа сакавме ние да покажеме – свесност, одговорност и зрелост. Ајде да ги надминеме нашите политички недоразбирање и да седнеме и да раговараме“, повика Мицкоски.
На ова, со реакција излегоа од владејачката СДСМ.
„Жално но вистина е дека кај мрачниот некрофил Мицкоски нема никаква човечност. Само тој одмага наместо да помага среде најголема борба против коронавирусот. Тој не сочувствува со починатите ниту со нивните семејства, тој сака да ги злоупотребува, исто како и заболените од ковид 19.
Во време кога целиот свет е обединет во борбата проти коронавирусот, во време кога сите даваат придонес, мрачниот Мицкоски одмага и го поткопува здравствениот систем. Еве го црниот учинок на мрачниот Мицкоски од почеток на пандемијата:
– масовно прекршување на мерките за заштита од коронавирусот,
– одење по тератани и ресторани кога тоа е забрането,
– кочење на финансиска помош од Светска банка за опремување на 16 ковид центри низ државата,
– јавен повик дека полицијата нема да ги казнува прекршителите на мерките за заштита,
– јавен повик од неговиот Вело Марковски, граѓаните да не носат маски затоа што вирусот не е опасен,
– организирање морбидни перформанси на кои се злоупотребува смртта на граѓани.
– протести на кои се прекршуваа мерките и се загрозуваше здравјето.
– ширење лажни вести дека нема доволно тестови.
– ширење невистини за начинот на кој домашните лекари се борат против вирусот.
– лажно клеветење од неговиот Вело Марковски за здравствените работници дека терапиите се несоодветни.
– кревање паника кај граѓаните дека нема доволно заштита опрема…
И наместо да се откаже од оваа црна деструкција во името на здравјето на граѓаните, Мицкоски згора на сѐ најавува блокада на работата во Собранието. Во период кога треба да се носат важни одлуки кои ќе придонесат за брзо надминување на последиците од кризата, период во кој треба да се донесат мерките од четвртиот пакет, кога треба да се донесе Буџетот за 2021 година.
Тоа е мрачниот Мицкоски. Умот му е само во фотелја во белиот дворец, заслепен прави деструкции, шири лажни вести, го поткопа здравствениот систем. Тоа граѓаните го гледаат и затоа Мицкоски уште долго ќе остане во опозиција“, се вели во реакцијата.