Митрески: Невозможно е да ја задолжиме Владата да ја промени преговарачката рамка, тоа е како да ја задолжуваме ЕУ да ја промени преговарачката рамка

Материјалите на кои инсистира опозицијата во врска со Информацијата за содржината на предлог-преговарачката рамка испратена од Владата до законодавниот дом, ќе бидат дополнително доставени до пратениците преку претседателот на Собранието, информираше денеска координаторот пратеничката група на СДСМ, Јован Митресски, по денешната координација на пратеничките групи.

„Ако овие материјали не биле достапни, тогаш што сме правеле ние 3-4 часа, врз основа на кои документи сме разговарале. Врз основа на кои документи се создава впечаток или врз основа на кои документи се држат прес-конференции од страна на опозициската партија? Така што, затоа уште еднаш ова можам да го наречам само политички фолклор“, рече Митрески.

Во однос на тоа дали ќе се одржи нова средба на работната група на собраниските политички партии во врска со предлог-преговарачката рамка, Митрески истакна дека идејата на првата средба била да се договорат заклучоци по однос на Информацијата и, по завршување на дискусијата, тие заклучоци да бидат предмет на гласање.

„Заклучоците се ставаат на гласање и врз основа на тие предлог-заклучоци пратениците се изјаснуваат. Од друга страна, имавме предлози за промени во преговарачката рамка што не се возможни. Значи, не е возможно ние да ја задолжиме Владата да ја промени преговарачката рамка, која што ја доставува ЕУ. По таа логика би требало ние да ја задолжиме ЕУ да ја промени преговарачката рамка. И во однос на тоа прашање дали ќе продолжат тие разговори, еве јавно кажувам дека сме отворени и денес и вечер и утре и кога ќе одлучат пратениците од опозицијата, да разговараме за предлог-заклучоците“, истакна Митрески.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

Според него, со тие предлог-заклучоци ќе бидат избиени сите дилеми во јавноста, како во делот на јазикот (иако, според него, е чист), така и во делот на историјата, билатералните прашања, образованието, посебноста на македонскиот народ, посебноста со сите нејзини елементи, идентитетот.

„Сѐ она што ќе го донесеме како заклучок, тоа ќе биде задолжение на Владата како да се однесува во периодот којшто следи. Со тие заклучоци ја обврзуваме Владата дека македонскиот јазик останува и ќе остане секогаш чист за оваа Влада, за следна влада, за која и да било влада во следниот период, затоа што ова ќе биде процес којшто не почнува и не завршува со чинот на гласање, туку ќе биде процес кој ќе трае во следните години, неколку години“, истакна Митрески.

Во врска со билатералниот протокол со Бугарија, тој потенцираше дека неговата содржина сѐ уште не е договорена и таков документ не е потпишан.

„Кога ќе биде потпишан и кога ќе биде договорен, тогаш ќе биде објавен за цела јавност. И верувајте дека сѐ ова што сега се зборува, ќе видите дека, тогаш кога ќе биде објавен, ќе биде сѐ побиено“, додаде Митрески.

Извор: МИА

- Реклама -