Митот за „брзото и лесно“ готвење

Она суптилно мрштење на веѓите што ви се случува кога ќе прочитате „брз и лесен“ до зборот „рецепт“ не е случајно.

cook-fatser-cook-quick-meals[1]

Нема ништо брзо во домашните равиоли со лосос, кременадли со јаболков и компиров сос или паста со неколку видови зачини и рендано сирење, но и покрај тоа ќе ги најдете ваквите рецепти во категоријата за готвење до 30 минути. На Amazon ќе најдете 8 илјади книги за готвење во рамките на 30 минути, а ако изгуглате „брз и лесен рецепт“ ќе добиете најмалку 20 илјади резултати. Медиумски, ова е најпопуларната гранка посветена на исхраната.

Но, што е со подготовката на зачините? А лупењето на јаболките и компирите? А одмрзнувањето на месото? А миењето на садовите? Вистината е дека тие 30 минути во рецептот се предвидени исклучиво на готвење и подразбираат дека сите состојки ги имате спремни. Во реалноста, на тоа време додајте барем 30+ минути и ќе стигнете до некоја пореална бројка.

Токму од овие причини, сé погласна станува критиката кон митот за брзото и лесно готвење. Жената во индустриското општество најголем дел од денот работи надвор од дома и нема време за рецепти со лажни (временски) ветувања.

Поинтересно е прашањето зошто кулинарската индустрија нуди изобилство од рецепти кои практично не го исполнуваат она што го ветуваат. На крај краева, јадењата и рецептите се создадени и тестирани во кујните на професионални готвачи, кои би требало да ја знаат тешкотијата на својот занает.

Како што истакнува најжестокиот критичар на феноменот на брзо готвење – Елизабет Денг, идејата за брзиот оброк се раѓа во 50-тите години на 20-от век. Во тоа време, во Западна Европа и САД се издадени многу книги кои нудат таков тип на рецепти, а најголем дел од нив биле спонзорирани од големите прехранбени концерни кои се бавеле со производство на полупроизводи.

Соодветно, ручекот во тоа време бил мошне едноставен – манџа од зелен грав, на пример, подразбира мешање на зелен грав од конзерва и крем-супа од печурки. Од друга страна, прашањата околу квалитетот, содржината на сол и бројот на калории не биле толку често поставувани и немале голем приоритет при изборот на јадење.

Со масовната популарност на кулинарството значително се зголеми бројот на веб-страниците, списанијата и ТВ-емисиите, па дури и специјализираните кабловски телевизии. Ентузијастите почнаа да купуваат специјални тави и блендери, научија што е ѓумбир и куркума. Луѓето сé повеќе бараат брзи, но овој пат и здрави рецепти.

Во овој кулинарски бум се загуби реалното чувство за потребниот напор и време, потребни за подготовка на вистински ручек. Ретко има семејство во кое едниот или двајцата членови можат да посветат по неколку часа на готвење, секој ден. А желбата работите да се завршуваат брзо и лесно си остана.

Следствено, поголемиот дел од кулинарската индустрија во моментов нема како да се издржува и да продолжи да просперира, особено ако се потпира само на реално брзи и лесни рецепти. Дури и да сте завршиле кулинарство во Париз, не можете секој ден да јадете само каша. Бројот на варијации на таратур што можете да ги измислите е ограничен. Од друга страна, кулинарските емисии треба да се снимаат секоја недела, книгите со рецепти да се печатат, сајтовите да се ажурираат секој ден…

Затоа, и покрај тоа што кулинарската индустрија е свесна дека ентузијастите што готват дома немаат ниту тренинг, ниту доволно знаење за да исецкаат пет зеленчуци за 60 секунди, продолжува да не убедува дека дадениот рецепт ќе ни одземе максимум 20 минути.

Проблемот не е само во индустријата, туку и во самите нас. На пример, во јуни во САД излезе книгата „Добро и евтино: Јадете добро за 4 долари на ден“. Оригиналната идеја на книгата е да им помогне на луѓето во потешка финансиска положба да се хранат добро и здраво. Рецептите ретко имаат повеќе од пет-шест состојки, нема егзотични јадења и марифети, скапи или тешко пристапни зачини, а техниките на подготовка се едноставни и јасно објаснети. За неколку месеци книгата стана бестселер. Кулинарските критичари тврдеа дека авторката Лианг Браун не само што нуди навистина брзи и лесни рецепти, но е на пат да почне револуција во поедноставување на јадењата, без тие да губат својство.

Има еден мал проблем – многу од читателите на книгата можат да си дозволат далеку поголем буџет од 4 долари на ден. Меѓу нив се јавија одреден број на незадоволни критичари, кои се жалат дека рецептите се многу едноставни, дека секој човек со основни познавања ги знае техниките на подготовка опишани во неа (демек нема ништо ново), дека храната не изгледа интересна и дека децата не сакаат да јадат толку многу зеленчук. Иако во случајов се малцинство, таквите се индикатор дека многумина очекуваат јадењето да им е вкусно и примамливо како она за кое е потребно подолго време за приготвување.

Ништо чудно. Во најголемиот дел од човековиот развој, набавувањето и подготовката на храната подразбирало доста потрошено време, некогаш и половина ден, особено за жените. Индустриската револуција значително го намалува товарот, ама не може да го смени фактот дека сложената гурманска храна бара време, ресурси и вештина. Не постои начин тоа барање да се заобиколи, а сé друго се лажни ветувања и нереални очекувања.

Ваквата состојба јасно отсликува како модерноста ги моделира нашите животи и колку малку ја разбираме. Технологијата ни го олеснува животот, но истовремено го забрзува секојдневното темпо речиси до тотална исцрпеност. Сето тоа базирано на лажното сфаќање дека прогресот може да ги сведе сложените и деликатни процеси на некои си 15-тина минути.

- Реклама -