Градоначалникот на Кавадарци – Митко Јанчев, инаку член на ВМРО-ДПМНЕ, е изненаден што неговото присуство предизвикало толку голем интерес во јавноста. Во разговор за „Фокус“ тој открива дека утрово не престанал да му ѕвони телефонот и дека новинари постојано го контактирале за да ја објасни постапката.
Според Јанчев, пак, нема многу што да се објаснува, зашто нема ништо чудно во тоа градоначалник да присуствува на трибина од јавен карактер на која се изнесуваат информации кои се од важност за градот и на која бил уредно поканет, без оглед што се работи за трибина на владејачката партија.
„Значи, да појаснам, моето присуство на трибината не беше како на некој од ВМРО, СДСМ, ДУИ или било која партија, туку исклучително како градоначалник на општината и истото го сметам како должност, нешто кое и другите градоначалници треба да го практикуваат, со цел да се работи на доброто на градот и граѓаните“, одговара Јанчев, додавајќи дека градоначалник е јавна функција и дека треба да се разграничат партиските моменти, бидејќи тој е градоначалник на сите граѓани, а градоначалниците имаат морална обврска да присуствуваат на настани од интерес на градот и граѓаните.
„Недозволиво е да се дискутираат теми од голема важност за функционирањето на градот, а градоначалниците поради партиски причини да не ги следат истите“, вели тој, потсетувајќи дека и премиерот Зоран Заев, во времето кога бил градоначалник на Струмица, ги следел трибините организирани од ВМРО-ДПМНЕ. Во разговорот за „Фокус“, Јанчев ги коментираше и шпекулациите дека преминува во СДСМ, а коментираше и дел од проектите за кои се зборувало на трибината. Прочитајте ТУКА.