Во мај 2015-та, американската авијација лансираше соларен беспилотен вселенски авион во Земјината орбита, на неговата четврта топ-сикрет тајна мисија. Дури и сега, речиси две години подоцна, уште никој не знае што прави тој авион таму горе.
Во моментов кога го пишуваме ова, Роботскиот X-37B влегува во својот 678-ми ден поминат во орбитата, надминувајќи го својот сопствен рекорд на последователни денови поминати во вселената. Американската влада сé уште молчи околу тоа кога ќе биде вратен на Земјата. „Слетувањето ќе биде одредено врз основа на комплетирање на орбиталните демонстрации и објективи на оваа мисија“, е неконкретниот одговор од претставниците на US Air Force.
Кои се всушност мисиите и објективите на мистериозниот вселенски авион, можеме само да погодуваме. Низ годините имаше многу шпекулации, меѓу кои и шпионирање на Блискиот Исток, вселенско бомбардирање, и надгледување на Кинеската вселенска станица (врз која Кина призна дека ја изгубила контролата).
Теоријата дека соларниот американски авион е вселенски бомбардер додуша беше помалку или повеќе побиена кога поранешниот главен научник на US Air Force – Марк Луис објасни дека количината на погон потребна за да се промени позицијата на „бомбардерот“ во орбитата би била огромна. Згора на тоа, и не би бил најпрецизниот бомбардер; „Ако не можам да го поместам мојот наводен бомбардер на вистинската локација за да ја фрли бомбата, што корист имам од него?“, „праша“ Луис при интервју за Popular Science.
Многу поверојатно е дека се работи за надгледувачка мисија – теорија што го следи вселенскиот авион уште од 2010-та, кога неколку аматери-опсерватори соопштија дека авионот летал над истиот регион над земјата секои 4 дена по неговото лансирање.
Во меѓувреме, како што соопшти Popular Science неодамна, американската авијација има и втор X-37B вселенски авион. Друга група на цивилни сателитски опсерватори пријавија дека неговата орбита го води над земји како Иран, Авганистан и Пакистан.
Контрадикторните изјави од официјалните лица на американската влада само дополнително ги подгреваа шпекулациите во раните денови. Во 2010-та, New York Times истакна дека во интервјуата и соопштенијата Пентагон цврсто одрекува дека соларниот авион има било каква врска со вселенско оружје, истовремено признавајќи дека крајната цел на авионот е да им помогне на американските војници на земјата, преку разни помошни мисии. Во тој период, американската авијација одговори дека тајната мисија „нема напаѓачки можности“, но дека „програмата поддржува редукција на технолошкиот ризик, експериментирање, и развој на оперативни концепти“.
Во меѓувреме, првиот X-37B (изгледа како мини вселенски шатл) е на својата четврта топ-сикрет мисија, и секој пат го рушеше својот сопствен рекорд во време поминато во вселената. Претходниот рекорд му беше 674 дена, поставен за време на последната мисија од декември 2012-та до октомври 2014-та.
Според Мајк Вол од Space.com, авионот бил дизајниран за да помине само 270 денови во вселената, така што сега X-37B веќе два пати го има надминато својот „рок на траење“, а сегашната мисија е најдолгата во „подмолната историја на програмата“.
Од друга страна, можеби едноставно се работи за научни експерименти. Капетан АнМари Аничели – претставничка на US Air Force, за Space.com вели дека авионот тестира сé – од навигација и системи на термална заштита, до автономно орбитално летање, враќање и техники на слетување.
Дури и никогаш да не дознаеме која е вистинската мисија на двата X-37B во вселената, барем ни ги демонстрираат можностите на долгото соларно вселенско летање.