73-годишен Јапонец праќа писмо до популарното јапонско шоу Knight Scoop, во кое детективи од една детективска агенција одговараат на прашања и загатки поставени од публиката. Во писмото, чичето објаснува дека 10 години оди кај еден ист семеен доктор кој живее во негова близина, и дека таму е проблемот што треба детективите да го решат. Но проблемот е ваков: во чекалната има традиционална дрвена загатка со прстени што цели 10 години чичево не може да ја реши. Ај тоа, ама докторот му ја дал и за дома, а старчево ја покажало и на многу други луѓе – без успех. И сестрата му потврдила дека никој од пациентите никогаш не успеал да ја реши. Загатката нема лого од производител, па не е опција ни да го прашаш тој што ја направил. Па така, старчево бара од шоуто да го испратат најдобриот детектив, „некој што е многу попаметен од него“, за конечно да види што е работава.
Загатката е ваквa: има две топчиња – црвенo и зеленo, поврзани со јаже, закачени за дрвена конструкција која ги разделува двете половини со дрвен прстен. Кај зелената топка има метален прстен. Фората е да го префлите овој метален прстен на другата страна, кај црвената топка. Топката не може да помине низ прстенот, а прстенот не може да помине преку дрвениот прстен на средината. Јажето не е доволно долго за да заобиколите било кој од елементите.
Прво се обидува старчето, за да покаже дека загатката е навистина тешка. Потоа се обидува детективот, за по кратко да заклучи дека е невозможно.
После одат кај професор по физика. „Вака од гледање, изгледа решлива. Видете, во еден момент некој ја составил, што значи дека тогаш била решлива. Затоа, веројатно е решлива и сега“. Старчето и детективот го гледаат бледо, но сепак, му даваат шанса да се обиде. Професоров се мачи, се препотува, го соблекува и мантилот. Ништо. Па зема да пресметува на табла, демек нацртаниот дијаграм нешто ќе му помогне. Откако ќе види дека не му оди ни тоа, се правда дека „нешто не ми е добро“, што изнудува смеа кај другите. Како и да е, тој предлага загатката да му ја дадат на мајмун, бидејќи тој како животно може да има многу поразличен инстинкт во решавањето.
Како ќе проба да ја реши мајмунот, ќе видите во видеото. Исходот е ист како и кај сите претходно.
Старчето и детективот, веќе по малку и безнадежни, се решаваат да пробаат со магионичар. Овој нешто се фолира, ама трикот брзо му го провалуваат. Загатката пак нерешена.
На крајот, се упатуваат за помош кај „Јапонската асоцијација за решавање на загатки со прстени“, веројатно непостоечка и измислена колку за шега. Како и да е, наидуваат на Јамамото-Сан. И оп, човекот ја решава! 73-годишниот старец е воодушевен. Пробува и сам. Успева! Упорноста долга 10 години се исплатеше!
Ако ви се гледаат сите обиди на сите претходно, пуштајте видеото од 2:59. Ако ви се гледа само решението, премотајте до 10:40.