Не многу одамна, во градот Корона, Калифорнија, постоел пат, кој локалните го нарекувале Бескраен пат. Во мапите бил запишан како Лестер Роуд.
Пред неколку години, тоа бил неосветлен, темен и правлив пат. Денес Корона е драстично сменета и патот не постои, но сé уште кружи мрачната легенда според која ако патувате по Лестер Роуд, особено ноќе, патот никогаш не завршува. Луѓето што се осмелиле на такво патување, никогаш повеќе не се вратиле.
Популарноста на урбаната легенда била толку голема што локалните власти решиле конечно да го испитаат случајот. Во истрагата се покажало дека на едно место, на неколку милји од Корона, Лестер Роуд вртел нагло в лево, а на самата кривина немало заштитна ограда, ниту пак некакви предупредувачки знаци во близина. Зад свијокот, пак, имало голема провалија. Сепак, проблемот бил што на другата страна на амбисот почнувал нов пат, што по неверојатна случајност, визуелно сосема совршено се слевал со Лестер Роуд. Гледано од возачки агол, било многу тешко, а особено ноќе, да се забележи дека зад кривината постои огромен кањон. Кога полицајците конечно погледнале кон провалијата, откриле десетици смачкани автомобили паднати на дното од амбисот, во кои скелетите на жртвите сé уште ги носеле своите безбеносни појаси.
Патем, иако мистеријата со Лестер Роуд е разрешена, жителите на Корона сé уште имаат инспирација за кроење на мрачни и мистериозни легенди. Имено, градот е е рекордер по исчезнати „временски капсули“ – тоа се херметички затворени кутии во кои луѓето ставаат предмети што им будат спомени, а потоа ги закопуваат со цел да ги пронајдат некогаш во иднината и да се потсетат на она што го заборавиле. За исчезнати се водат 17 вакви капсули, кои никогаш повторно не се најдени на локацијата каде што биле закопани.