Денеска е нов ден, можност за разочарувањето против Исланд да биде оставено зад себе и веќе на дуелот против Русија македонските ракометари да успеат да се вратат на победнички патеки. „Црвено-жолтите“ се свесни за пропуштената можност против Исланѓаните, но исто така и решени токму на пресметката со Русија да го покажат оној свој фантастичен карактер по кој што беа познати на европскиот шампионат во Србија пред дванаесет месеци. За избегнување на четвртото место на табелата и дуел со Франција во осминафиналето потребно е да се совлада Русија со пет гола разлика, или пак да се слави над „зборнаја“ барем со еден гол, а потоа да се стигне најмалку до реми во последното коло против Данска.
„Во ракометот се е можно, особено кога станува збор за репрезентација со квалитет како нашата. И лани имавме проблеми во одредени фази од шампионатот, но редовно покажувавме најдобри игри кога тоа беше најпотребно. Очекувам истото да биде случај и на мечот со Русија, на кој што знаеме дека мораме да играме подобро отколку против Исланд. Наша цел ќе биде да одиграме на посакуваното ниво и да стигнеме до победа, а доколку се поклопат коцките, зошто да не и да славиме со пет гола разлика. Нормално дека тоа е многу тешко, но како што реков, во ракометот се е можно“ – порача Миркуловски.