Вицепремиерка, министер, директори, советник, градоначалник – се зголемува листата на државни и партиски функционери на СДСМ кои завршија во самоизолација поради ризик дека се заразени со Ковид-19.
Вицепремиерката за економски прашања – Мила Царовска, директорот на финансова полиција – Арафат Муареми, министерот за информатичко општество и администрација – Дамјан Манчевски, и советникот на премиерот – Марјан Забрчанец, се во самоизолација откако потпретседателот на СДСМ – Мухамед Зекири, објави дека тој и неговата сопруга и 3-месечна ќеркичка се позитивни на Ковид-19.
„Почитувани, ја информирам јавноста дека од денес сум во задолжителна самоизолација, откако вчера колегата Мухамед Зекири е позитивен на Ковид-19. Во текот на минатата недела имавме заеднички состанок на кој сите бевме со заштитна опрема и на препорачаната дистанца. Сепак, согласно епидемиолошката анкета задолжително ќе останам во самоизолација до 9 јуни. Во текот вчерашниот ден направив и тест кој е негативен. Засега немам никакви симптоми и се чуствувам добро. Сите мои работни обврски продолжувам да ги извршувам непречено од дома. На семејството Зекири му посакувам брзо и успешно оздравување и закрепнување, како и на сите останати граѓани кои се борат со коронавирусот“, напиша Царовска на Фејсбук.
„Согласно препораките на епидемиолозите, поради средбата со мојот другар и колега Мухамед Зекири, во наредните девет дена ќе бидам во самоизолација. На средбата беа применувани здравствените протоколи, но сепак препораките на здравствените експерти се најважни и мора да ги почитуваме. На Муки и семејството им пожелувам брзо закрепнување. На сите други Ви посакувам добро здравје“, напиша Манчевски.
„Почитувани пријатели, би сакал да ве информирам дека овие денови имав средба со г. Мухамет Зекири пред да излезе позитив на тестирањето на Ковид 19. Од тие причини истиот ден одлучив да се самоизолирам согласно сите протоколи препорачани од надлежните институции. Немам никави симптоми, додека во текот на ова недела ќе бидам тестиран од ИЈЗ. На Мухамет Зекири заедно со фамилијата му посакувам што побрзо оздравување“, напиша и директорот на Управата за финансиска полиција – Муареми.
„После веста дека другарот Мухамед Зекири има позитивен Ковид-19 тест, на препорака на епидемиолозите од денес сум во домашна самоизолација. Со Зекири бев на состанок одржан во четвртокот попладне, на 1.5 м растојание, со заштитна маска и со соодветна дезинфекција пред и после состанокот. Секако, заради избегнување и најмал ризик, ќе ја спроведам препорачаната самоизолација. Немам никакви симптоми, а ќе се тестирам во текот на неделата. На Мухамед и семејството им посакувам брзо оздравување. Сите да ги почитуваме доследно мерките и препораките на епидемилозите и на тој начин да се заштитиме самите себе и сите околу нас“, напиша и Забрчанец.
Од синоќа во самоизолација е и градоначалникот на општината со најголем број активни случаи и една од општините со најмногу новозаразени во последните денови – Општина Чаир – градоначалникот Висар Ганиу, откако имал контакт со заразен.
„Почитувани граѓани, ќе ја искористам можноста преку овој вид на комуникација со вас, да ве информирам и да ја споделам загриженоста за начинот како се одвива состојбата со корона вирусот. Воедно сакам да ви дадам до знаење дека овие денови имав контакт со лице кое резултираше ПОЗИТИВЕН кон тестот за COVID -19, затоа од овој момент ќе останам во САМОИЗОЛАЦИЈА и ќе делувам според протоколите на соодветните здравствени институции. Драги граѓани, уште еднаш ќе ја искористам оваа прилика да ви АПЕЛИРАМ за внимавање, придржување на предвидените мерки и сериозно третирање на оваа тематика и предизвик, бидејќи состојбата не изгледа воопшто добра и секогаш постои можност да стапи кон по лошо“, напиша Ганиу на Фејсбук.
Денеска на листата се најде и директорката на УЈП – Сања Лукаревска, која на Фејсбук соопшти дека не само што ќе биде во самоизолација, туку е и позитивна на Ковид-19.
Од синоќа во самоизолација е и новинарката Душица Мрѓа, која ја водеше дебатата меѓу Зекири и Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ, кој исто така доби негативен тест на Ковид-19, но рече дека ќе постапи согласно препораките на епидемиолозите.
Во меѓувреме, медиумите дознаваат дека денешната бројка надминува 90 новозаразени. Уште позагрижувачки биланс во споредба со вчера најави и вицепремиерот и шеф на Кризниот штаб – Бујар Османи.