Според најавата од УХМР, денеска и утре, целата држава ќе биде зафатена со температури од жолта (алертна) фаза. Затоа, потребно е да се почитуваме општите мерки за заштита на здравјето, порачуваат од Министерството за здравство. Оттаму испраќаат неколку препораки до граѓаните:
• Во текот на екстремно топли денови да се остане повеќе во затворени простории (пред се климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка;
• Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце да се носат заштитни очила и капа и да се користи крема со висок заштитен фактор;
• Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна;
• Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци;
• При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри;
• На хронично болните лица се препорачува редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.
Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, министерството препорачува и задолжително миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба, термичка подготовка на храната и нејзино консумирање веднаш по подготовката.
Комисијата за следење на ефектите од високите температури при Министерството за здравство во континуитет ја следи состојбата и по потреба ќе предлага мерки и активности за минимизирање на евентуални штетни ефекти од високите температури, додаваат од министерството.