Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, престојува во Чикаго за да учествува на Меѓународниот форум на лидери организиран од Националниот демократски институт, соопшти неговиот кабинет.
Меѓународниот форум на лидери е престижен собир на креатори на политики, експерти и активисти од целиот свет посветен на зајакнувањето на демократските институции и промовирањето на доброто владеење.
Министерот Андоновски, како дел од оваа група, ќе учествува на панел дискусии за глобалните предизвици и можности, споделувајќи ги македонските искуства во дигиталната трансформација и дискутирајќи можности за меѓународна соработка.
Покрај учеството на Форумот, тој ќе присуствува и на настан организиран од Фондацијата на поранешниот претседател Обама, каде што ќе ги сподели македонските искуства во дигиталната трансформација.
За време на посетата, министерот Андоновски ќе оствари серија билатерални и мултилатерални средби со владини претставници, бизнис лидери и експерти за зајакнување на меѓународните партнерства на Македонија и нови можности за соработка во областа на дигиталната трансформација.
Предвидено е Андоновски да се сретне со членовите на македонска дијаспора во Чикаго за да разговараат за нивниот придонес за македонската заедница и потенцијалите за унапредување на соработката меѓу Македонија и дијаспората во САД.
Работната посета на министерот Андоновски е во функција на афирмација на напорите на Владата за дигитална трансформација и зајакнување на меѓународната позиција на Македонија во оваа област, стои во соопштението од кабинетот на министерот.
са/Фото: Кабинет на Стефан Андоновски .
Извор: МИА