„Од содржината на изјавите презентирани во тужбата апсолутно не може да произлезе дека тужениот имал намера било кого да омаловажи, во случајот и најмалку тужителите од кои што едното е физичко лице, а другото е здружение од Канада“, изјави адвокатот Љупчо Илиев, бранител на министерот за надворешни работи Бујар Османи, обвинет за навреда и клевета на Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП).
Според него, изнесените наводи и предложени докази од страна на тужителите „апсолутно не можат да бидат во корелација и да се подведат под одредбите од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета“.
„Останува Судот да ги цени наводите од наша страна, рече тој во изјава за медиумите по денешната подготвителна расправа.
На прашање зошто, според нив, не станува збор на навреда и клевета, тој одговори дека од страна на министерот, сега тужен, е изразено само јавно мислење за активности на здружение.
„Истиот изразува само една јавна критика на однесување на здружение“, рече тој.
Адвокатот на тужителот, Трајче Торов, од друга страна, изјави дека „не смее функционер – властодржец кој има моќ, да ги навредува финансиерите на борците за човекови права и борците за човекови права“.
„Финансирањето на Здружението на македонското малцинство од Бугарија да се третира како сомнителна работа и како антидржавен елемент е прво, како што и објаснив таму, претставува ставање на мета на тие финансиери, а и на тие здруженија. Се обвинуваат здруженијата дека се сами криви или жртвите на повреди на човекови права се сами криви за својата состојба во која се нашле, затоа што прифаќаат помош од кој било. Тужениот е тој кој што треба да ги помага и има должност да ги помага жртвите на повреда на човекови права, а не да се става на другата страна навредувајќи ги помагачите на тие жртви“, рече тој.
Според него, „сомнителен“ е термин што се употребува за некој кој е помалку вреден, кој треба да се истражува.
„Тоа е ставање еден вид на мета на тие лица. Секако е омаловажување, не е еднакво тоа лице со оние што не се сомнителни. Тоа е доказ за навредата и омаловажувањето со ваквите изјави, особено функционер кој е платен од народот да се грижи за човековите права“, рече тој.
Торов информираше дека е поднесено парично побарување во износ од околу 10 илјади евра во денарска противвредност.
Во врска со прашањето за споменатото барање за оставка од министерот за надворешни работи, тој одговори дека е индиректно.
„Тоа е индиректно. Секој функционер доколку сака да биде на тоа ниво, да критикува, треба да си даде оставка и да биде обичен граѓанин за да може да критикува на ниво на една нормална критика, а не на ниво на навреда со прогласување на некој за сомнителен или за антидржавен елемент. Значи, не бараме ние оставка преку тужба директно, но доколку се смета дека тоа е негово демократско право да критикува, а не да навредува, треба да биде на исто ниво како тие што ги критикува, а не од позиција на моќ да кажува кој е државен елемент, кој е против државата итн“, рече тој.
Во Основниот граѓански суд Скопје денеска започна судењето по тужбите поднесени на 27 јануари 2023 година против министерот за надворешни работи Бујар Османи од страна на претседателот на Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) Бил Николов и ММДЧП како организација.
Извор: МИА