Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство – Арјанит Хоџа, заедно со двајцата заменици-министри од движењето Беса, како што претходно најави, денеска поднесоа оставки од функциите.
Причината, како што изјави Хоџа, е нарушувањето на демократијата на локалните избори, но и во текот на вчерашниот ден, кој Хоџа го оцени како „најсрамниот ден за нашата демократија“. Истовремено, истакна тој, оставките ги поднесуваат како морален чин и почитување на органите на движењето Беса.
„Како што и ветив минатата недела, поради нарушување на демократијата на локалните избори од страна на дел од оваа Влада на чело со вицепремиерот од ДУИ, каде беше повредено правото на демократијата на државата со манипулативни методи и за жал тоа продолжи и во текот на вчерашниот ден, кој беше најсрамниот ден за нашата демократија. Затоа поднесувам оставка од функцијата министер заедно со двајцата заменици министри, бидејќи не можеме да го идентификуваме нашето политичко дејствување како движење Беса со коалиционен партнер за кој јасно се гледа дека го користи секое недемократско дејствување со единствена цел да остане на власт. Ако во 2016 година беше соборен режим, додека другиот дел од режимот не беше соборен туку доби шанса да се реформира, денес, после пет години, се докажа дека не само што не се реформирани, туку ги усовршиле своите методи на класичен режим“, изјави Хоџа.
„Одлуката за оставка е морален чин и почитување на органите на движењето Беса. Бевме свесни, како политички субјект, за сите дејствија што ќе се случат. Исто така, очекувавме и без нашите дејствија да се случи сценариото што ѝ се случи на Алијанса за Албанците во 2017 година.
Конечно, во движењето Беса, работиме на принципот на гордост и достоинство. Власта за нас не сѐ и не по секоја цена. Сакаме да имаме власт, за нас власта е можност да покажеме дека може да работиме во интерес на граѓаните, тоа се докажа во овие 14 месеци додека бевме дел од власта и ние истото ќе го продолжиме во локалната власт во Општина Тетово и Општина Желино“, додаде тој.
На новинарски прашања, Хоџа оцени дека во моментов не е загрозен евроинтегративниот пат на државата, туку е загрозена демократијата, и тоа од страна на ДУИ, која, како што рече, треба да се реформира, а тој процес да почне од ДУИ во опозиција.
За пратеникот Кастриот Реџепи рече дека сѐ уште не оствариле контакт и дека не знаат каде е, но очекуваат, како што тој самиот најави, да се врати во понеделник и да ги образложи своите постапки.
Постапките на Реџепи, истакна Хоџа, доколку се покажат дека се негова одлука, се спротивни на одлуката на органите на партијата, на она што било договорено и она што го потпишал и сигурно, рече, ќе има мерки против него.
Евентуалното приклучување на Алтернатива во актуелното парламентарно мнозинство, според Хоџа, би претставувало „самоубиство за секоја партија“.