„Инструкциите кои ќе ги дадеме во понеделник ќе се однесуваат на сите огласи, дури и на оние што биле започнати пред времената мерка на Уставниот суд, односно со ‘балансерот’ и секако оние институции што не ги засега ‘балансерот’, а имаат веќе започнато јавни огласи или конкусри“, рече министерот за јавна администрација
Владината коалиција има капацитет да отвори политички дијаог со кој ќе се најде соодветно решение за правична застапеност на етничките заедници, откако Уставниот суд ја укина алатката „балансер“, изјави министерот за јавна администрација, Горан Минчев.
„Ова е осетлива тема и не треба да се брза. Сметам дека во рамки на овој процес што е пред нас, треба да се вклучат сите оние кои можат да помогнат да се додје до квалитетно, содржајно решение што ќе го реши проблемот засекогаш“,
рече Минчев вечерва во дневникот на Сител телевизија.
На прашањето, каква е постапката со вработувањата по укинувањето на „балансерот“, министерот информираше дека во моментот сите јавни огласи или годишни планови за вработување и унапредување се во прекин.
Тој најави дека во рамки на Министерството за јавна администрација се подготвуваат соодветни насоки како да се постапува понатаму и изрази надеж дека в понеделник ќе излезат со конкретни насоки.
„Инструкциите кои ќе ги дадеме во понеделник ќе се однесуваат на сите огласи, дури и на оние што биле започнати пред времената мерка на Уставниот суд, односно со ‘балансерот’ и секако оние институции што не ги засега ‘балансерот’, а имаат веќе започнато јавни огласи или конкусри“,
рече Минчев.
За тоа каква е состојбата во јавната администрација, Минчев се осврна на бројките од крајот на 2016 година кога имало околу 1 290 институции со околу 130 илјади вработени. Во 2023 година, во декември, како последен пресек, имало околу 1 370 институции и 129 илјади вработени во јавниот сектор.
Според него, не е најбитно прашањето колкав е бројот на јавната администрација, туку со каков квалитет, со какви услуги кон граѓаните и со какво знаење и умешност јавната администрација ќе се користи да ги даде потребните услуги на граѓаните.
„Ваквиот состав на јавната администрација, според мене, недоволно обучен, недоволно едуциран, недоволно квалитетен, е производ на 30-годишното партиско вработување и на непотизмот“,
изјави меѓу другото министерот за јавна администрација.
Уставниот суд на седницата одржана на 9 октомври одлучи да го укине „балансерот“ – алатката за вработување според национална припадност во државните институции. Одлуката нема да важи ретроактивно.
Претседателот на судот Дарко Костадиновски на прес-конференција по седницата, оцени дека со овој потег Уставниот суд не ги укинал права на заедниците, а таквите тврдења ги оцени како лага и манипулација.
„Манипулација е и дека судот со своето постапување по овој и кој било друг предмет може да ги наруши политичките или етничките односи или да биде повод за дестабилизација. Секој, вклучително и политичарите треба да ги почитуваат одлуките на судот, не да ги политизираат или да ги етнизираат. На нашето постапување и на нашите одлуки треба да гледаат како заштита на Уставот и заштита на правото. Ќе повторам дека не одат заедно јавно прокламираните заложби од секого за европски стандарди и владеење на правото и политизацијата и етнизацијата на постапувањето на судот“,
рече тој.
Предметот во Уставен беше оформен по иницијатива поднесена од стариот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), бидејќи оттаму сметаа дека преку алатката се прават злоупотреби при вработувањата по етнички клуч.