„Ние сметаме дека Европската Унија, вклучително и Бугарија и сите членки, треба да го признаат фактот дека Република Македонија во изминатите 20 години, од 2009-та до денес, заслужила да започне преговори без никакви уценувања. Историчарите нека разговараат за историјата, но почетокот на преговорите не треба да обременет од било какви други барања“, истакна пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ – Антонио Милошоски, во интервју за „Сител“.
Сепак, тврди тој, актуелната ситуација делумно е резултат на одредени ветувања што премиерот Заев му ги дал на бугарскиот колега Борисов, а кои македонската јавност не ги знае:
„Она што се зборува во кулоарите во дипломатски неофицијални кругови е дека дел од тензијата којашто е настаната помеѓу Борисов и Заев се однесува на некои дадени ветувања од Заев коишто македонската јавност не ги знае, поврзани со македонската историја, идентитет, јазична и културна самобитност, но исто така поврзани и со ветувањето за влезот на Бугарија во една голема македонска банка и во една голема телекомуникациска куќа“, вели пратеникот.
„Колку е тоа вистина“, додава тој, „не можеме да знаеме, бидејќи владата работи затворено и не ги споделува ставовите, но очекуваме порано или подоцна и овие нешта да ги дознаеме директно од Софија преку изјави на нивни политичари“.
Во однос на шансите за почеток на преговорите со ЕУ до крајот на годинава, Милошоски потенцираше дека самиот почеток е од секундарно значење во однос на тоа што Бугарија понатаму ќе може да го блокира процесот во било која фаза од истиот:
„Со потпишувањето на Договорот меѓу Македонија и Бугарија, на Бугарија ѝ се дадени инструменти, бидејќи договорот е асиметричен, во следните 10 години да нѐ блокира кога сака и колку пати сака. Така што, дали Македонија ќе ги почне преговорите сега или ќе ги почне во јули следната година или ќе биде обратно, тоа не значи дека проблемот е решен. Проблемот со Бугарија ќе опстојува на дипломатската сцена и во однос на евроинтеграциите и во следните 10 години, за жал, поради сервилноста што Заев ја покажа во 2017 година во желбата да дојде на власт“, заклучува пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на нон-пејперот кој вчера беше објавен од австрискиот новинар, а наводно бил договорен во Берлин, Милошоски е на ставот дека објавеното е само дел од истиот, бидејќи доколку би бил целосен, смета тој, новинарот ќе го објавел и со фотографија.
„Претпоставувам дека е дел од брифинг и дадени се делови коишто можеби за некого звучат поприфатливо или поповолно. Така што, не можам да коментирам додека не го имаме целиот нон-пејпер“, истакна Милошоски, прашан дали кога би бил на местото на Заев тој би ги прифатил објавените 9 точки.
Седницата на Комисијата за надворешна политика закажана за во четврток, додаде пратеникот и воедно претседател на истата, ќе биде одлична можност министерите за евроинтеграции и надворешни работи – Никола Димитров и Бујар Османи, да го презентираат тој нон-пејпер и да објаснат како стигнале до него, односно која страна го предложила, а која го одбила. „Но, во дипломатијата, кога нешто ќе се одбие, тогаш е веќе излишно да се дискутира“, констатира Милошоски.
Во меѓувреме, координаторот на пратеничката група на СДСМ и коалицијата – Јован Митрески, на новинарско прашање за закажаната седница на Комисијата за надворешна политика, повтори дека пратениците од СДСМ немаат намера да учествуваат:
„Станува збор за Комисија која вторпат се закажува, очигледно дека сакаат да ја држат таа тема во јавност. Jас и после завршувањето, односно непочнувањето на Комисијата за надворешни работи, каде што беше како предлог Дневен ред поставена истата точка, дадов изјава и ќе ја повторам истата.
Јас и ние како пратеници не гледаме потреба да се отвори расправа во Собранието за нашиот идентитет и нашиот јазик. Факт е дека ние сме Македонци кои зборуваат македонски јазик, која е потребата за тоа да дискутира Собранието?!“, рече Митрески.