„Во писмото (од Бејли) се цитира разочараност на американскиот амбасадор од злоупотребата на неговото име, а поврзано со можно местење на судски процеси при изрекување на притвор и одредување на пресудите. Дали вие како премиер ќе побарате истрага кои судии го злоупотребиле авторитет на странскиот амбасадор за местење судски процеси?“, упати прашање пратеникот Антонио Милошоски до премиерот Зоран Заев на денешната собраниска седница за пратенички прашања.
Во писмото испратено до претседателот на Основниот суд Скопје 1 – Иван Џолев, како што објави порталот СДК.мк, американскиот амбасадор Џес Бејли се пожалил дека е разочаран од секојдневните информации што ги добивал за тоа дека судиите своите одлуки ги правдале дека се по диктат од странските амбасади и амбасадори.
Премиерот Заев одговори дека за тоа дознал од медиумите и дека е загрижен од позитивен аспект:
„Ова треба да нé загрижи сите“, рече тој. „Јас како што сфатив писмото е со цел да се испрати порака да не се вадат на амбасадата при носење одлуки. Во време на Пржинскиот договор се зборуваше дека американската амбасада тоа го наметна, дека ЕУ го наметна, а сите знаевме дека ние ги носиме одлуките. Ја сфаќам пораката, никој не смее да не се вади дека имал укажувања од некој амбасада. Штом е тоа нотирано од стратешки пријател на Македонија е доволен сигнал да преземеме дејствија и анализи да видиме која е причината да дојде до тоа писмо“.
Во меѓувреме, како што најави премиерот Заев, министерката за правда – Рената Дескоска, ќе добие инструкции да го отвори прашањето во Судскиот совет. Тој истакна и дека веќе му наложил на неговиот советник за надворешна политика – Дане Талески, да контактира со заменик американскиот амбасадор, пренесува „Плусинфо“:
„Му наложив на советникот за надворешна политика Дане Талески да се сретне со заменик амбасадорот за да добиеме дополнителни појаснувања и уверувам дека до утре ќе ги добиеме. Амбасадорот Бејли не е во земјава и веројатно заменик амбасадорот може да објасни, но ако не, тогаш кога амбасадорот ќе се врати околу нашите божикни празници, директно ќе разговарам со него“ – порача Заев.