Наместо прва меѓувладина конференција со ЕУ, Македонија одржа прва фотосесија на проформа меѓувладина конференција каде што, наместо да се отвори преговарачката рамка, се дадоа насоки за отварање на Уставот. Затоа во Македонија нема прослава, нема радување, туку има едно горко чувство, истакна во „Само интервју“ пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и член на ИК на партијата – Антонио Милошоски.
„Да бидам искрен, прво, според мене, ова не е прва меѓувладина конференција, затоа што прва меѓувладина конференција според европските правила е онаа на која што се усвојува преговарачката рамка и таква меѓувладина конференција одржа Албанија, таква меѓувладина конференција во еден ден одржа Хрватска, Словенија, Бугарија, Романија кога почнуваа преговори за членство во ЕУ. Македонија одржа прва фотосесија на проформа меѓувладина конференција каде што наместо да се отвори преговарачката рамка се дадоа насоки за отварање на Уставот и затоа во Македонија нема прослава, нема радување, туку има едно горко чувство. И затоа и делегацијата од Брисел кога се врати, ако ова беше историски момент за прослава, требаше да излезат на плоштад. Претходно организираа ЕУ фестивали, кога им беше референдумот и слично, требаше сега да организираат како Влада и Ковачевски и Маричиќ и Бујар Османи“, рече Милошоски.
Тој потенцираше дека доколку ова беше историски момент, народот тоа ќе го препознаеше.
„Јас мислам дека самите присутни во Брисел знаат зошто нема прослава. Инаку кога има историски момент, народот знае сам да го препознае“, кажа пратеникот.
Во гостувањето, Милошоски посочи и дека од потпишувањето на Договорот за добрососедство, Бугарија и Македонија имаат најлоши можни меѓусебни односи – билателарни, спортски, културни и политички.
„Се гледа дека со потпис и уцени не се постигнува добрососедство, се постигнува со градење на доверба“, додаде тој.
Извор: МИА