Милер: САД не гледаат акти на геноцид во Газа

САД не забележаа дела што би претставувале геноцид во Газа, изјави портпаролот на Стејт департментот Метју Милер во врска со барањето на Јужна Африка до Меѓународниот суд на правдата (МСП) акциите на Израел во Појасот Газа да ги прогласи за геноцид.

-Ова не се обвинувања што треба така лесно да се изнесуваат. Не гледаме никакви акти што претставуваат геноцид, рече Милер.

Портпаролот на Стејт департментот, исто така, кажа дека не е во позиција да процени дали во палестинската енклава биле извршени воени злосторства или злосторства против човештвото, пренесуваат британските медиуми.

Во поднесокот на Јужна Африка до Меѓународниот суд на правдата се наведува дека Израел ја прекршил Конвенцијата за геноцид од 1948 година, што беше составена по холокаустот, а се однесува на обидот за уништување на народ целосно или делумно. Јужна Африка бара од МПС да издаде привремени мерки со кои на Израел ќе му се наложи да ги прекине своите воени активности во Газа, за кои се наведува дека се неопходни за да се спречи сериозна и непоправлива штета на правата на палестинскиот народ.

Прочитајте и:  Хамнеи: Апсење не е доволно, треба смртна казна за израелските лидери

Судот закажа јавни сослушувања за ова прашање за 11 и 12 јануари, додека Израел истакна дека ќе се брани од сите обвиненија.

Од 7 октомври во Газа се убиени над 22.000 Палестинци, а 2,3 милиони жители на енклавата се соочуваат со хуманитарна катастрофа, пишуваат британските медиуми.

МИА

- Реклама -