Никогаш не сме пиеле повеќе кафе од сега. Порано ни одеше од рака да го истераме барем денот со едно турско. Сега, пукаш турско сабајле пред работа, на пладне макијато, попладне лате, а поручек еспресо за да те подготви за другите пијачки после работа.
Без гајле, не сме сами. Или, можеби и треба да ни е гајле, зашто ова е глуп изговор…
Како и да е, новиот извештај на компанијата Bloomberg, која се бави со анализа на пазарот, вели дека глобалната побарувачка за кафе е најголема досега во историјата, а за тоа се заслужни миленијалците. Податоците покажуваат дека во САД на пример, младите луѓе на возраст од 19 до 34 години сега сочинуваат 44% од вкупниот број на кафепијачи во САД. Не само тоа, туку пијат повеќе кафе од било кога.
Дневната консумација на кафе расте со стапка што го надоместува и падот на консумација кај постарите генерации. Бројот на испиени макијата, лате-а и капучина, од страна на младите на возраст од 18 до 24 години, меѓу 2012-та и 2016-та е пораснат од 34% на 48%. Кај 25 до 30-годишните, бројката е порасната од 51% на 60%.
Податоците на Блумберг исто така потврдуваат дека паралелно со рекордно високата консумација, ние сме на пат кон „кафена суша“.
Во регионите кои важат за најголеми производители на кафе, како Јужна Америка, залихите на кафе се под закана. Експерите дебатираат околу причините, но се согласуваат дека тоа е комбинација од кафената ‘рѓа (болест што го напаѓа кафето), климатските промени т.е. потоплото време, како и зголемувањето во цените на ѓубривата. Едно е факт, дека аутпутот на кафето е драстично намален во последните години. Во 2012-та, околу половина од јужноамериканската жетва беше збришана, а експертите предвидуваат дека до 2050-та година, половина од светските региони кои моментално одгледуваат кафе – ќе бидат неподобни за производство.
Блумберг истакнува дека зголемената побарувачка на кафе, во пакет со недостатокот од залихи, предизвикала цените на пазарот значително да се зголемат. Цената на најпопуларната врста кафе – arabica, е највисока од 2015-та па наваму. Претходно од Блумберг предупредија дека за во иднина да можеме да ја задоволиме побарувачката на кафе, ќе ни треба уште еден Бразил.