Милановиќ и Бегај го осудија нападот во Бањска, Хрватска ја поддржува евоинтеграцијата на Албанија

Албанскиот претседател Бајрам Бегај и неговиот хрватски колега Зоран Милановиќ, на заедничката прес-конференција во Тирана, го осудија вооружениот напад во Бањска минатиот месец.

-Му се заблагодарив на колегата Милановиќ за поддршката дадена на Косово и за осудата на вооружениот напад на северот на Косово. Нагласив дека по чинот на Хамас против Израел, станува неопходно ЕУ и НАТО да го обесхрабрат провокативниот пристап на Србија кон Косово. Од нападот на 24 септември, работите веќе не се исти како порано, а преговарачите мора да имаат нов пристап кон дијалогот, изјави меѓу другото Бегај.

Милановиќ, пак, рече дека Србија и српскиот претседател Александар Вучиќ му должат на Косово и на меѓународната заедница одредени одговори во врска со случајот.

Бегај ѝ се заблагодари на Хрватска, која според него, била и продолжува да биде силен поддржувач на Албанија кон нејзината аспирација да стане дел од ЕУ.

– Албанија останува сигурен партнер на ЕУ, особено во надворешната политика и безбедноста, рече Бегај.

Милановиќ ја нагласи поддршката на неговата земја на евроинтегративниот пат на Албанија, го истакна фактот дека Албанија постигнала голем напредок, но констатира дека „за жал институциите на ЕУ не реагираат како што треба“

Според него, ситуацијата е апсурдна, откако Албанија влезе во НАТО заедно со Хрватска и по толку години се уште не го направила првиот чекор за членство во ЕУ.

-Во овие 20 години бев сведок на напредокот на Албанија во сите аспекти. За жал, овој напредок не беше соодветно проследен со реакции од ЕУ а од НАТО да. Сакам да кажам нешто што го кажав во 2012 година, Албанија беше дел од НАТО веќе 3 години, со ЕУ со мака се обидуваше да започне некои разговори, но ништо не се случуваше. Во таа година Србија и Црна Гора напредуваа во преговорите, а за Албанија ништо не се случуваше. Апсурдна ситуација. И денес се однесуваме малку апсурдно, како да имаме проблем. По 11 години малку мрднавме, но не доволно, ова доволно зборува за ЕУ. Се надевам дека ќе зборуваат и другите што го гледаат ова, но се плашам дека другите го гледаат, но не зборуваат, рече меѓу другото Милановиќ.

Милановиќ е во дводневна официјална посета на Албанија, во чии рамки утре со Бегај ќе го посетат градот Берат, кој е под заштита од УНЕСКО.

МИА

- Реклама -