Мицкоски за замрзнувањето на „балансерот“: Одлуките на Уставен не треба да се коментираат

„Практично унапредувањата и вработувањата треба да се темелат на квалитет и тоа е она коешто ние практично цело време го заговараме“, изјави премиерот, прашан за реакциите по одлуката на Уставниот суд да поведе постапка за алатката за вработување на припадници на различни етнички заедници во јавниот сектор

Премиерот Христијан Мицкоски смета дека одлуките на Уставниот суд не треба да се коментираат, а за реакциите од партиите од албанскиот блок, вклучително и од партнерите од владината коалиција по одлуката на Уставен да поведе постапка и да го замразне „балансерот“, тој вели дека се во согласнот со тоа што го разговарале во минатото.

Премиерот Христијан Мицкоски за време на денешната посета на Штип / Фото: Сектор за односи со јавност на Владата на РСМ

„Таа реакција е во согласност со тоа што ние сме го збореле во минатото. Практично унапредувањата и вработувањата треба да се темелат на квалитет и тоа е она коешто ние практично цело време го заговараме“,

изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања за време на денешната посета на Штип каде присуствуваше на почетокот на поплочување на улицата „Ванчо Прќе“.

Одговарајќи на прашањето, премиерот рече дека одлуката на Уставниот суд не е конечна, туку дека тие тој дел од законот го ставаат во мирување, до носење на конечната одлука.

„Јас ќе останам на мојата позиција дека одлуките на Уставниот суд не треба да се коментираат. Некогаш може да ни се допаѓаат, некогаш може да не ни се допаѓаат, но мислам дека не треба се коментираат“,

изјави Мицкоски.

Од друга страна, министерот за здравство Арбен Таравари, кој е дел од владејачката коалиција „Вреди“, ја оцени за избрзана одлуката на Уставниот суд да поведе постапка за „балансерот“ додавајќи дека во овој период не ни се потребни вакви, како што рече, тензични состојби.

Таравари изјави дека со коалициските партнери од ВМРО-ДПМНЕ имале договор прво да го договорат законот за правична застапеност на сите заедници, а потоа да се решава прашањето за „балансерот“.

Според министерот за здравство, „балансерот“ бил добра алатка, но во последно ввреме почнал да се злоупотребува.

Новиот закон за правична застапеност, како што изјави тој, прво мора да се синхронизира со коалициските партнери, па потоа да биде доставен во Собранието.

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, пак, кој доаѓа од редовите на партијата ЗНАМ на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски вели дека лично ја поздравува одлуката на Уставниот суд.

Министерот за јавна админстрација, Горан Минчев / Фото: Принтскрин од видео на РСЕ

Тој вели дека во Министерството ќе ја почекаат конечната одлука на Уставен пред да се почне со креирање на евентуално ново законско решение.

„Секако, јас и Министерството за јавна администрација би ја причекале конечната одлука на Уставниот суд. Во зависност од тоа каква ќе биде, ние би пристапиле кон евентуално ново законско решение. Јас се надевам дека во рамки на владината коалиција ќе имаме отворена дебата за тоа што следи. Каков било повик за протести или дестабилизација на државата за укинување или времена мерка на ‘балансерот’ го осудувам“,

вели министерот за јавна администрација.

- Реклама -