Мицкоски за Законот за јазици: Има состанувања на поединци со цел да направат безбедносна тензија, но нема опасност по безбедноста на државата

Да почекаме да дојде 11 декември, да видиме како сето ова ќе се развива и еволуира, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски во врска со денот кога Уставниот суд треба да ја одржи расправата за уставноста на Законот за јазиците.

Според Мицкоски, се работи за уставни судии избрани од мнозинството предводено од СДСМ и ДУИ кои сега ДУИ ги критикува.

Премиерот е дециден дека не постои опасност по безбедноста на државата и покрај ставот на ДУИ според кој „овој Закон е производ на комплициран компромис, постигнат по долгогодишни напорни преговори, а одлука што би го прекршила би претставувала враќање во неизвесна и проблематична иднина“.

-Точно тоа што го зборувавме со трите члена, тоа е оспорено. Има и други иницијативи, но зборуваме за таа иницијатива што е во моментов актуелна. Тоа се уставни судии избрани од мнозинството предводено од СДСМ и ДУИ. Ниту ги познавам тие судии, ниту знам кои се. Напротив, некои од нив сме ги напаѓале. Да почекаме, да дојде 11 декември, да видиме како сето ова ќе се развива и еволуира. Вашата загриженост е на место зашто судиите избрани од ДУИ и СДСМ сега се напаѓани од истата таа ДУИ, а кога станува збор за заштита на криминалците кои правеле криминал тогаш истите овие обвинители и судии се во нивна одбрана. Малку чудно е ова ама ќе видиме, времето ќе покаже, одговори Мицкоски на новинарско прашање на прес-конференција во Владата.

Прочитајте и:  Левица: Ќе го поништи ли Уставниот суд преименувањето на улицата „Втора македонска бригада" во „Адем Демачи"

Тој уште еднаш напомена дека не постои опасност по безбедноста.

-Не постои опасност по безбедноста, ниту некогаш сме дозволиле да постои. Сме предупредувале дека има обиди да се наруши безбедноста и ова е еден од тие обиди. Има некои места каде што се состануваат поединци кои сакаат да направат безбедносна тензија. Ние како држава и Влада ќе сториме се за да гарантираме безбедност посебно сега, во услови кога сите индикатори, економски параметри, ниво на странски инвестиции, зголемени плати, реформи, раст на БДП,… одат во позитивна насока. Ние сме свесни дека тие елементи кои сакаат да не влечат назад во политичкото мочуриште и во минатото, но граѓаните да бидат сигурни дека многу анализираме и работиме со нашите стратешки партнери. Ниту тие ние, ниту Владата ќе дозволи да има какви било безбедносни проблеми, подвлече Мицкоски.

- Реклама -