„Ова не е тема дали некому му пречи или не му пречи. Оваа тема се обидуваат овие сенки од минатото да ја наметнат зашто немаат друга тема. Ако имаа други теми, ќе беше сосема поинаку. Нивната единствена дебата и реторика е ова, бидејќи се уште се застанати на 90-тите години од минатиот век“, рече премиерот
Никој во Македонија нема против албанскиот јазик. Тоа е вештачка тема, што некои се обидуваат да ја наметнат. Ова во интервју за националната Радио-телевизија Косово (РТК) го изјави премиерот Христијан Мицкоски, зборувајќи за употребата на албанскиот јазик во државата, како и за Законот за употреба на јазиците.
„Никој нема против албанскиот јазик. Напротив. Ова не е тема дали некому му пречи или не му пречи. Оваа тема се обидуваат овие сенки од минатото да ја наметнат зашто немаат друга тема. Ако имаа други теми, ќе беше сосема поинаку. Нивната единствена дебата и реторика е ова, бидејќи се уште се застанати на 90-тите години од минатиот век“,
рече премиерот.
Зборувајќи за Законот за јазиците, посочи дека тој останал во фиоките на Уставниот суд веќе пет години и токму сега владата го враќа на дневен ред.
„Токму тоа е прашањето, како овие исти уставни судии, изгласани од претходното мнозинство на СДСМ и ДУИ го чуваа во фиока пет години и сега одеднаш кога дојде нова влада, реформаска влада, тоа го ставија на површина. Тоа што сега е пред Уставниот суд се практично три члена од Законот за употреба на јазиците што се однесуваат на водењето споро пред судовите. Кога овој Закон беше даден за мислење во Венецијанската комисија, токму тоа беше нотирано од комисијата. За жал, владата на СДСМ и ДУИ не ги послуша препораките на оваа комисија и одлучи така како што одлучи да го затвори тој случај“,
рече тој.
Предметот на оваа жалба пред Уставниот суд, посочи Мицкоски, нема никаква врска со употребата на албанскиот јазик.
Посочи дека често добивал критиките дека во Скопје се игра орото „Шота“, но оти се додека тој е премиер ќе се игра тоа оро, додавајќи дека така ќе се зближиме, а не разделиме.
„Во Скопје се играло и ‘Шота“ и српско коло и турско оро и тешко македонско оро. Таква е државата и ние сме обединети во различностите“,
рече тој.
Одговарајќи на прашањето за писмото што го доби од лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) за измените на Законот за употреба на јазиците, Мицкоски рече дека од него е побарано да им нареди на уставните судии да не го прават тоа.
„Суштината на неговоро писмо е: Ти се обраќам на Христијан, кажи им на уставните судии да не гласаат за ова што е на дневен ред на Уставниот суд. Прво, тие судии не ги знам. Второ, тој и неговите соработници ги гласа. Беше пратеник и гласаше за нив. Како да им кажам на уставните судии што физички не ги познавам“,
вели премиерот.
Косовскиот премиер Албин Курти вчера по заедничката меѓувладина седница со македонската и косовската влада, одговарајќи на новинарско прашање за можноста за загрозување на албанскиот јазик во С Македонија, нешто што го побара Демократската унија за интеграција (ДУИ), од каде што очекуваат од владите на Косово и Албанија да го заштитат албанскиот јазик, рече дека албанскиот јазик во С Македонија не е под закана.
„Во Косово, иако Албанци се 93 отсто, а четири отсто е српско население, српскиот јазик е службен јазик. Но, во С Македонија не може да се каже дека албанскиот јазик е службен официјален јазик и сега е под закана. Ова не е вистина“,
рече Курти.
Лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, пред неколку дена посочи дека очекува од сите политички партии на Албанците во земјава, но и од партиите во Косово да го заштитат албанскиот јазик.