Мицкоски за буџетот: Бројките се катастрофални, тајфун поминал низ државава… сепак ќе се најдат средства за исплата на зголемените пензии

Прашање е како ќе се исплаќа она што е редовно предвидено во Буџетот. Се обидуваме да бидеме креативни и граѓаните да не го почувствуваат тоа. За зголемените пензии ќе има средства, а со синдикатите ќе седнеме заедно за да видат дали има можност за зголемување на минималната плата на 450 евра во првите 100 дена од Владата, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски.

-Во последниве седум години тајфун поминал низ државава и не само што ја ограбил, туку и жестоко ја уништил. Се надевам дека во првите 100 дена ќе имам можност да седнам со синдикатите, заедно со министрите за финансии, за економија и труд и за социјална политика демографија и млади, и да поразговараме и да им ги покажеме бројките за да видат со што се соочуваме, рече Мицкоски во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Тој нагласи дека бројките во Буџетот се катастрофални и порача дека за исплата на пензиите заедно со линеарното зголемување ќе се најдат средства за исплата затоа, што како што рече, има правилна редистрибуција во Буџетот.

-Недостасуваат 2,5 милијарди денари за редовна исплата на пензиите, настрана од дополнителното линеарно зголемување кое го најавивме и ветивме. Сепак, ние ќе се бориме до последно за се она што е интерес на граѓаните да е и наш интерес и да го реализираме, рече Мицкоски.

Прочитајте и:  Мицкоски: Владата ја поддржа кандидатурата на Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, се слушнавме и по телефон

Затоа, како што кажа, ќе седнат со синдикатите за заедно да видат дали има можност и за зголемување на минималната плата на 450 евра во првите 100 дена од владата како што бараат синдикатите.

-Ако има можност добро, но ако нема можност очекувам сите заедно да донесеме заклучок како заедно да работиме за да создадеме можност. Токму тоа е начинот на кој треба да функционира оваа Влада – да биде партнер со сите врз основа на можностите или што би рекле повозрасните да си ги пуштиме нозете колку што ни е долга чергата. Ако може да се најдат средства заедно ќе седнеме и ќе разговараме. Секој кој мисли дека има решение нека дојде, јас сакам да го слушнам и да разговарам. Сите решенија се добредојдени. Сите ние сме тука и работиме за доброто на граѓаните и за иднината на нашата заедничка држава, потенцира Мицкоски.

- Реклама -