Мицкоски за бегството на Рамадани: Да оставиме да се произнесат Обвинителството и судовите

Премиерот Христијан Мицкоски, денеска, во коментар на случајот со бегството од куќен притвор во државава на Блерим Рамадани, поранешниот припадник на ОВК од Косово, побара да се остави да се произнесат обвинителството и судовите. Оцени дека е уште една причина што поскоро да се спроведат  реформите во правосудството за кои апелира. Побара до крајот на месецов да бидат доставени идеите во таа насока, а потоа, како што рече, ќе мора да ги реализираат реформите за кои Владата ја добила поддршката од граѓаните.

-Не знам какви се изворите, рече Мицкоски за изворите во медиумските објави дека Рамадани се наоѓа во Косово.

Прашан како случајот ќе се одрази на односите со Србија посочи дека како Влада сакаат да градат добрососедски односи со сите држави без исклучок и без оглед дали е тоа Албанија, Грција, Србија…

Ова што се случува во нашиот правосуден систем, наведе Мицкоски, е само уште  чекор повеќе кон тоа дека се потребни реформите за кои цело  време апелирам.

-Два проценти  доверба кај граѓаните резултираат со вакви многу прашања и дилеми: зошто тоа се случува, како тоа се случува, зошто се носат вакви одлуки, зошто некој бега, итн.. Ова е уште причина повеќе конечно да почнеме да се занимаваме со реформите во судско-обвинителскиот систем. Сите идеи кои имаат намера да бидат доставени до Владата од страна на експертите нека ги достават до крајот на месецов, а понатаму ние како Влада ќе мора да почнеме да ги реализираме за реформите за кои не гласале граѓаните, рече Мицкоски.

Од МВР претходно за МИА потврдија дека Рамадани избегал од куќен притвор од домот на роднини во земјава.

Прочитајте и:  Мицкоски: Кога ќе имаме потреба од 80 гласа во Парламентот, ќе се покаже кои се пратениците

-Од страна на надлежен судски орган доставена е документација до МВР за распишување на централна потерница за лицето Б.Р. бидејќи во моментов е недостапно за органите на прогонот. МВР презема мерки за пронаоѓање на лицето, информираа од МВР за МИА.

Рамадани, врз основа на меѓународната потерница издадена до Интерпол од Србија, беше уапсен на 17 јули 2024 година на граничниот премин Јажинце и однесен на 30 дена екстрадиционен притвор во затворот во Шутка. Содржината на налогот за апсење се заснова на сомневањата на Србија дека Рамадани, како поранешен војник на ОВК, извршил воени злосторства во регионот на Неродиме.

На 1 август, мерката на Рамадани од надлежен македонски суд му беше преиначена од „притвор“ во „куќен притвор“ и тој, според решението, беше упатен на адреса во Скопје. Со оваа одлука се предвидуваше тој да остане во „куќен притвор“ до 16 август.

Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ за време на посетата на граничниот премин Табановце на 25 јули побара од скопските власти да ѝ го екстрадираат Рамадани на Србија. Прашањето за неговата екстрадиција беше отворено и при посетата на министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља на Скопје на 31 јули. Свечља рече дека Скопје треба да одлучува самостојно, обвинувајќи ја Србија дека има тенденција да ги расипува односите меѓу државите од Западен Балкан.

Рамадани, според косовските медиуми, е третиот државјанин на Косово како поранешен војник на ОВК, уапсен во Северна Македонија врз основа на српска потерница. Гафур Дуголи и Томор Морина беа уапсени во минатото, но со судска одлука беа ослободени.

- Реклама -