Мицкоски: Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе направи се за да одговараат криминалците

 -На овие избори народот јасно кажа каква е политичката реалност во Македонија, а тоа е дека Владата односно двете партии од Владата треба да заминат во опозиција. Гордана Силјановска Давкова, Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ во однос на Стево Пендаровски и Коалицијата која што го подржа Стево Пендаровски во првиот круг имаат 183.000 гласа разлика. Нешто што досега во македонската историја, во демократска Македонија не се случило да кандидат од опозиција да има таков силен резултат, и тоа е јасна порака на народот дека се потребни промени, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од митингот во Конче.

Мицкоски додаде дека народот се обединува околу промените.

-Од друга страна ги слушате пораките од Мала Речица, од ДУИ, тие велат дека требало да се слуша народот. И да ние го слушаме народот, народот и во тој случај донесе правилна  одлука и испрати јасна порака дека Гордана Силјановска Давкова, Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ има за 20% повеќе гласови отколку што имаат двајцата провладини кандидати односно владини кандидати, а тоа се Бујар Османи и Стево Пендаровски заедно. Односно 363.000 наспроти 301-302.000 од прилика колку што имаат тие двајца, рече Мицкоски.

Тој посочи дека пораката од граѓаните е јасна, правецот по кој што треба да се движи Македонија е јасен. ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата повикуваат на уште поголема поддршка од граѓаните во вториот круг.

-Заедно да ја завршиме историјата која што ја започнавме уште пред неколку години односно пред 30-тина месеци за време на локалните избори кои што се случија во 2021 година, порача тој.

Мицкоски укажа дека на ВМРО-ДПМНЕ најважна е поддршката на народот.

-Време е заедно со вас граѓаните да ставиме точка на оваа историја, бидејќи таа точка ќе ја определи траекторијата по која што ќе се движи Македонија – дали Македонија ќе биде горда, достојна, трансформирана, онака како што сите ние сакаме да ја видиме нашата држава, или ќе биде ограбена, обесправена, понижена, омаловажена како што беше досега изминативе 6 ипол години, додаде тој.

Прочитајте и:  Мицкоски: Законот за јазиците мора да се почитува, но треба и да се зголемат капацитетите во министерствата

Тој посочи дека според резултатот од првиот круг на претседателски избори е јасно по кој пат граѓаните одлучија Македонија дека треба да се движи.

-Мојата порака е до нашите сограѓани Турци, знам дека овде Бујар Османи освои 100 гласа и знам дека прилично беа активни некои од функционерите на турската партија овде во општина Конче, и ги бараа гласовите за Бујар Османи. Јас ќе споделам со вас нешто кое што не сум го зборувал досега но мислам дека треба да се знае, а тоа е следново, претседателот на турската партија кој што подоцна заврши во прегратките на Али Ахмети, пред да заврши таму беше кај мене. И кога дојде кај мене ми рече претседателе доаѓам од средба со Али Ахмети и сакам да знаете дека на тој човек му треба медицинска нега, тој е ваков, таков, почна да го навредува и да користи недолични зборови, рече Мицкоски.

Тој додаде дека му се заблагодарил на средбата и веќе никогаш му се нема јавено за да разговараат.

-А, следниот ден од медиумите прочитав дека тој отишол во прегратките на овој за кој што велеше дека му е потребна медицинска нега. И таму потоа продолжи да функционира како политичар, појасни Мицкоски.

Мицкоски вети дека новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“ ќе направи се за да криминалците одговараат.

- Реклама -