Мицкоски се обрати на годишната Конзервативна политичка конференција во Вашингтон

Мицкоски се обрати на годишната Конзервативна политичка конференција во Вашингтон

Премиерот Христијан Мицкоски, во рамките на неговата посета на Вашингтон, ќе одржи говор на годишната Конференција за конзервативна политичка акција.

На својот профил на Фејсбук, Мицкоски сподели видео од организаторите на конференцијата, со кое се најавува неговото учество.

Во текот на тридневниот собир на конзервативците, како што пренесува „Гласот на Америка“, збор ќе земат и актуелниот американски претседател Доналд Трамп, како и истакнати политичари од Аргентина, Велика Британија, Полска и Италија.

Конференцијата за конзервативна политичка акција ја води американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс, а предвидени се и сесии во кои ќе се разговара за теми како криптовалутите и мирот на Блискиот Исток. Покрај тоа, панел дискусија ќе се одржи со роднините на заложниците кои се задржани во Газа.

На дневниот ред денеска, покрај претседателот на Претставничкиот дом на САД Мајк Џонсон, се наоѓаат и поранешната британска премиерка Лиз Трас, како и политичкиот директор на унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Свои обраќања ќе имаат и словачкиот премиер Роберт Фицо, аргентинскиот претседател Хавиер Милеи и италијанската премиерка Џорџа Мелони.

Мицкоски, кој е придружуван од министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, синоќа остварил средба со Александар Касаноф, заменик помошник секретар за Западен Балкан во Бирото за европски и евроазиски прашања при Стејт Департментот. Разговорот бил фокусиран на состојбата во земјата, процесот на европска интеграција и предизвиците со кои се соочува државата во тој контекст, како и на реформските приоритети на Владата и стратегиските аспекти на развојот.

Дополнително, на средбата биле разгледани актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, со особено внимание кон прашањата за безбедноста, економската соработка, стабилното владеење и демократијата.

Исто така,биле нагласени заедничките заложби за континуирана политичка комуникација и зацврстување на билатералните односи меѓу двете држави. Се потенцирало значењето на институционалната соработка,продолжувањето на активностите во рамките на Стратешкиот дијалог,како и надградување на партнерството во рамките на НАТО алијансата.