Мицкоски по одлуката на ДКСК: Го обвинија Јован, му судеа и го осудија само затоа што е мој син

Синот на премиерот Христијан Мицкоски, 18-годишниот Јован, сам си платил и за авионските карти и за хотелското сместување во САД во јули, односно неговото патување на НАТО-самитот не било платено со владини пари, констатирала Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), која на денешната седница информира дека го затвора овој предмет

Со одлуката на Антикорупциската комисија се потврдија лагите на СДСМ. Го обвинија Јован, му судеа и го осудија без притоа да покажат ниту еден доказ. Виновен беше само затоа што е мој син, реагира премиерот Христијан Мицкоски на својот фејсбук-профил откако Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната седница го затвори предметот за патувањето на неговиот син во САД во јули бидејќи утврдила дека тој не бил дел од владината делегација и не патувал на државен трошок.

„Останува горчината за лагите на СДСМ и нивните мегафони, посебно што нападнаа тинејџер кој ќе живее, учи и се гради како личност во средина во која политичките лешинари не бираат средства и начин во политичката арена. И тогаш имате морален хазард, истите градат среќа врз туѓото инволвирање во политика, затоа што со реални факти и аргументи не можат. Но вистината победи. Во моето однесување никогаш не сум прекршил закон, тaка и ќе продолжам. А ти синко…, те молам да ми простиш, не си ти виновен што мора сето ова да го живееш. Заедно ќе живееме за да победиме за Македонија и никогаш повторно ова да не му се случува на ниту еден тинејџер во иднина“,

напиша Мицкоски на Фејсбук.

Синот на премиерот Христијан Мицкоски, 18-годишниот Јован, сам си платил и за авионските карти и за хотелското сместување во САД во јули, односно неговото патување на НАТО-самитот не било платено со владини пари, констатирала Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), која на денешната седница информира дека го затвора овој предмет.

Согласно добиената документација од Владата, во државната делегација за НАТО-самитот имало 21 лице, претставници од канцеларијата на премиерот, од министерствата за надворешни работи, за одбрана и за внатрешни работи, амбасадата на Македонија во Вашингтон и од постојаната делегација на Македонија во НАТО. Авионските билети ги резервирала владината Служба за општи и заеднички работи, и тоа за 21 лице од списокот на кој не било наведено името на синот на премиерот, соопштија од ДКСК.

Од Антикорупциската комисија констатирале дека Јован Мицкоски престојувал во апартмани, а не во хотелите каде што била сместена државната делегација, а фактурите за сместувањето во апартмани биле на име на физичко лице. Синот на премиерот не бил дел од официјалната делегација и не присуствувал на ниту еден официјален состанок или средба, туку само на предавањето на неговиот татко.

Фотографија од посетата на премиерот Христијан Мицкоски на Вашингтон, на која можеше да се види и неговиот постар син, во јули годинава беше тема на партиски преписки. Фотографијата ја објавија од Универзитетот „Џонс Хопкинс“ на социјалната мрежа Икс, каде што беше посочено дека македонскиот премиер, пред Самитот на НАТО, ја посетил Школата за напредни меѓународни студии на Универзитетот.

Од СДСМ тогаш го повикаа премиерот Христијан Мицкоски да каже дали на државен трошок во САД го носел и синот. На овој повик на СДСМ одговор не стигна од премиерот, туку од неговата партија ВМРО-ДПМНЕ, од каде што информираа дека синот на Мицкоски не бил дел од официјалната делегација и дека сите трошоци биле подмирени приватно од семејството на премиерот.

По денешната одлука на ДКСК, со реакција се јавија и од ВМРО-ДПМНЕ од каде порачаа дека оваа мала, но значајна победа на вистината над лагите на СДСМ, е „доказ дека во Македонија може многу подобро од нив, а отчетноста на премиерот е пример како треба да се однесува еден политичар“.

- Реклама -