„Има доста уплашени структури коишто се дел од поранешната влада и во Агенцијата за разузнавање и во Агенцијата за национална безбедност, има зошто да се плашат, а во периодот што следи ќе ја дознаете вистината“, изјави денеска премиерот одговарајќи на новинарски прашања, без да ги прецизира причините поради кои е разрешен досегашниот директор на АНБ
Тој избегна да одговори на прашањето околу реакциите во јавноста дека со именувањето на Бојан Христовски за нов директор Агенцијата задолжена за безбедноста и контраразузнавањето се партизира
Апсолутно не гледам причина зошто човек којшто го поминува целиот свој работен век во безбедносниот сектор да не ја извршува успешно челната позиција во Агенцијата за национална безбедност (АНБ).
Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања во врска со вчерашното разрешување на Зарко Милошевски од директорската позиција во АНБ, и именувањето на Бојан Христовски, поранешен претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Скопје, на негово место.
Токму и прашањето кон Мицкоски на темата беше упатено во оваа насока, односно дали АНБ повторно се политизира и дали за назначувањето на Христовски има согласност од нашите меѓународни партнери.
Премиерот избегна да одговори на ова прашање и одговорот го насочи кон следното, што му беше поставено истовремено, а се однесуваше на безбедносниот сертификат што му беше одземен на Христовски при трансформирањето на поранешната Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) во Агенција за национална безбедност (АНБ).
Во таа насока, премиерот кажа дека на новиот директор на АНБ, преку клеветнички дописи и злоупотреби тогаш му била нанесена неправда од структури во Агенцијата за разузнавање, УБК и потоа АНБ, која подоцна била исправена и му бил издаден безбедносниот сертификат.
„За да ја знаете вистината, еве јас ќе ви помогнам и добро е што го поставувате ова прашање. Тогаш кога се трансформираше практично Управата за безбедност и контраразузнавање во Агенција за национална безбедност и кога се правеше селекција, имаше поранешни високи структури во Агенцијата за разузнавање и во Управата за безбедност и контраразузнавање и Агенцијата за национална безбедност коишто ги профилираа луѓето и врз основа на тие профилирања гледаат како да им наштетат преку лажни вести, преку клеветнички дописи, злоупотребувајќи ги институциите во коишто работат. И нормално, таа неправда којашто му беше нанесена на Бојан Христовски беше констатирана, бидејќи во прво време не му беше даден таков безбедносен сертификат, беше констатирана злоупотребата на дел од раководството, пред сè на Агенцијата за разузнавање. Таа грешка се исправи, Бојан Христовски има безбедносен сертификат и апсолутно не гледам причина зошто човек којшто го поминува речиси целиот свој работен век во безбедносниот сектор да не ја извршува успешно челната позиција во Агенцијата за национална безбедност“,
изјави Мицкоски, кој денеска беше во посета на Општина Брвеница.
Во периодот што следува, премиерот кажа дека јавноста ќе дознае како Агенцијата за разузнавање, но и АНБ се злоупотребувале за партиски и лични цели и дека има доста уплашени структури.
„Има доста уплашени структури коишто се дел од поранешната Влада и во Агенцијата за разузнавање и во Агенцијата за национална безбедност, има зошто да се плашат, а во периодот што следи ќе ја дознаете вистината“,
изјави премиерот.
На дополнително прашање дали досегашниот директор Зарко Милошевски е разрешен поради злоупотреби, Мицкоски не беше директен во одговорот и кажа:
„На вчерашната седница е разрешен досегашниот директор Зарко, не се сеќавам како му е презимето, Милошевски (по потсетување од новинарите), и е назначен Бојан Христовски“,
рече премиерот.
Од Владата досега не излегоа со информации или соопштение за причините за разрешувањето на Милошевски, ниту, пак, за именувањето на новиот директор и прашањата што тоа ги отвора, а се во врска со активниот партиско-политички ангажман како член на ВМРО-ДПМНЕ.
Ваквите контроверзии доаѓаат поради јасните одредби во членот 10 од Законот за АНБ, кој, меѓу другото, пропишува дека директорот на Агенцијата не смее да биде член на политичка партија или член на органи и тела на партија.
Иако од Владата вчера за „360 степени“ изјавија дека Бојан Христовски од 2023 година не е член на партија, откако си поднел оставка по неговото враќање на работа во Министерството за внатрешни работи, од неодамнешните објави на неговиот фејсбук-профил забележлива е активност и пропагирање во прилог на ВМРО-ДПМНЕ.
За именувањето на Христовски за нов директор на АНБ денеска реагираа и од оппзицискиот СДСМ, од каде што велат дека владата на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ спроведуваат опасна партизација, како на Агенцијата, така и на клучните безбедносни институции.
Од Владата сè уште нема образложение и за причините и основот по кој е разрешен досегашниот директор Зарко Милошевски.
Единствениот одговор што досега го добивме од владината портпаролка Марија Митева е дека „кадровските промени во безбедносните служби се прават врз основа на темелни анализи и проверки и истата одлука е донесена согласно тие состојби“.