Мицкоски – Пленковиќ: Имаше многу неправди кон Северна Македонија, треба да се забрза пристапот кон ЕУ

По тет-а-тет средбата во владината зграда во Загреб, Мицкоски и Пленковиќ одржаа заедничка прес-конференција на која хрватскиот премиер рече дека неговата земја ќе се залага за што подинамичен процес на пристапување на Северна Македонија кон Европската Унија

Хрватска останува подготвена да ѝ помогне на Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија, изјави хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ по средбата со својот македонски колега Христијан Мицкоски, кој е во прва официјална посета на Хрватска. 

По тет-а-тет средбата во владината зграда во Загреб, Мицкоски и Пленковиќ одржаа заедничка прес-конференција на која хрватскиот премиер рече дека неговата земја ќе се залага за што подинамичен процес на пристапување на Северна Македонија кон Европската Унија.

„Во изминатите 20 години имаше многу неправди кон Северна Македонија и созреа времето кога сето тоа треба да се респектира. Темата која го оптоварува европскиот пат на Северна Македонија по наше мислење е неправедна кон македонскиот народ, македонскиот идентитет. Мислам дека толку отстапки се направени од македонска страна што ретко кој народ, и држава, би прифатил да направи толку исчекори од своја страна за да го забрза својот пат кон членството во Европската Унија“,

рече Пленковиќ, додавајќи дека треба заеднички да се работи на тоа преговорите за пристапување на Северна Македонија кон ЕУ да започнат што поскоро.

Премиерот Мицкоски рече дека неправдата што ни е нанесена во изминатите две и пол децении е голема и дека имаме направено отстапки како никој друг тргнувајќи од привремената референца на името на државата, преку менувањето на знамето и банкнотите, до промената на името на државата со Преспанскиот договор. 

„Ние имаме многу внатрешни проблеми и тие ќе ги решаваме и тука не треба да има дилема, ќе работиме колку е потребно. Тоа што не зависи од нас е токму почетокот на преговори. Тоа, за жал, зависи и од други. Ние направивме доволно, сега треба некој да ни ја подотвори вратата за да можеме да влеземе во таа просторија за да почнеме да преговараме и да покажеме колку можеме“,

рече Мицкоски.

На прес-конференцијата тој рече дека ние сè уште сме во еден вртлог во кој нема извесен крај, иако желбата на македонските граѓани да бидат дел од семејството на Европската Унија е голема.

„Но, се надевам дека како нова влада, со реформите коишто планираме да ги направиме најпрвин на домашен план, а потоа и во соработка со нашите пријатели, хрватската влада, но и останатите пријатели коишто доаѓаат од земјите членки на Европската Унија, конечно таа неправда после повеќе од или, би рекол, скоро две и пол децении од денеска ќе биде исправена и македонските граѓани ќе можат да бидат заедно со европските граѓани како дел од големото европско семејство“,

додаде Мицкоски.

Мицкоски изрази убедување дека вредностите кои пред многу децении Шуман, Аденауер и Де Гаспери ги имаат дефинирано како европски вредности, европските граѓани и политичари ќе ги споделуваат во иднина и дека „нема да бидеме жртви на билатерални спорови во нашиот пат кон целосна интеграција во рамките на Европската Унија“.

- Реклама -